НАСИЛСТВОТО, ТЕРОРИЗМОТ И ЏИХАДОТ ОД ИСЛАМСКА ПЕРСПЕКТИВА

НАСИЛСТВОТО, ТЕРОРИЗМОТ И ЏИХАДОТ ОД ИСЛАМСКА ПЕРСПЕКТИВА

 

НАСИЛСТВОТО, ТЕРОРИЗМОТ И ЏИХАДОТ ОД ИСЛАМСКА ПЕРСПЕКТИВА

 

[مقدوني  Macedonian – Македонски]

                  

 

Автор: Управниот одбор на Програмата за размена на знаења

 

—™

 

Превод: м-р Амел Куртиши

Редакција: Рамадан Банушев

Јазична редакција: Фатмир Ковачи

 

العنف والإرهاب و الجهاد من منظور إسلامي

 

  

مجلس إدارة برنامج التبادل المعرفي

 

—™

ترجمة: طلحة كورتيشي

المراجعة:رمضان بانوشف

التدقيق اللغوي: فطمير كوفاتشي

Вовед на неговата екселенција Шејх Салих Абдул Азиз Ал Шејх, министер за исламски прашања во владата на Кралството на Саудиска Арабија

 

 

(Генерален супервизор на Програмата за размена на знаења)

Благодарноста му припаѓа на Аллах -субханену ве теала- а Божјиот мир и благослови нека се со Неговиот пратеник Мухамед -Божјиот мир нека е над него-неговото семејство и следбеници. Да ги повикуваш луѓето кон вистината, да ја појасниш истата и да ја разоткриеш невистината се навистина возвишена цел на мисиите на Божјите пратеници и нивните следбеници. Аллах -субханену ве теала- вели: „А кој говори поубаво од тој што повикува кон Аллах, кој прави добри дела и кој вели: ,Јас сум, навистина, муслиман!ʻ“ (Куран, 41:33)

Министерството за исламски прашања на Кралството на Саудиска Арабија, преку именувањето од страна на владата на кралот Абдулах бин Абдул Азиз Ал Сауди, меѓу другото, е почестено и со оваа голема мисија. Овој комплет на книги кои ги обработуваат темите поврзани со џихадот, статусот на жената, етиката и животот во исламот е како дел од постојаните ангажманани на научната програма на министерството за комуникација со следбениците на другите религии и цивилизации, со цел да им се објаснат факти поврзани со исламот. Поради важноста на таквите теми, кои се суштина на бројни нејаснотии, прашања и дилеми, издадени со овие публикации за да одговорат на погрешните концепции поврзани со тие прашања. Го молам Аллах оваа програма да биде корисна за сите и да биде средство за комуникација со следбениците на другите религии и цивилизации, да ги објасни фактите за исламот реално и без претрувања од било кој вид, сè со цел да се постигне меѓусебно разбирање базирано врз факти кои се добра основа за коегзистенција.

На крајот би сакал да изразам благодарност до комисијата под претседателство на д-р Абдулах ибн Фахд Ал Лухејдан, како и до советодавниот тим за нивниот вложен труд при издавање на овие публикации, молејќи го Бога читателот на овие дела да го најде поаскуваното знаење кое, доколку правилно е втемелено, е основа на секое добро.

Аллаховиот мир, милост и благослови нека се со вас.

Салих ибн Абдул Азиз ибн Мухамед Ал Шејх

 

 

1. Насилството:

 

               Иако насилството е присутно во сите делови на светот и истото е практикувано од криминалци со различно потекло и верска ориентација, очигледно е дека западниот свет продолжува насилните акти да ги поврзува со исламот, повеќе отколку со било која друга религија. Се чини дека неодамнешните насилни настани, во кои беа вклучени и муслиманите, ѝ дале тежина на идејата дека исламот е религија која одобрува, а можеби дури и промовира насилство. Нашата цел овде е да се испита вистината за насилството и за насилниците и да покажеме јасно дека исламот е, всушност, религија на мирот која ги почитува законите. Нејзините следбеници, ни повеќе ни помалку, не се насилни во споредба со следбениците на другите религии, други раси и различни региони на овој наш комплексен свет.

Затоа, постои очајна потреба да се појасни исламската перспектива за насилството во сите негови форми и манифестации. Пред да се обидеме да воспоставиме правилен однос кон ставот на исламот поврзан со насилството и агресијата, неопходно е да ги имаме на ум следниве работи:

1. Исламот, како и секоја друга религија, треба да се оценува и вреднува врз база на неговата доктрина и учење, а не врз база на однесувањето на поединци кои можеби и тврдат дека тоа што го прават е во име на исламот. Со други зборови, треба да исцртаме линија на раздвојување помеѓу она што исламот го поучува и она што некои индивидуи, кои себеси се нарекуваат муслимани, па дури и тврдат дека го претставуваат исламот, го прават.

2. Учените (алимите), кои го поседуваат неопходното знаењe да го разберат и прецизно да го коментираат исламското учење, се најкомпетентни да ја појаснат исламската позиција по прашањето на насилството. За тоа не се компетентни критичарите, маскирани како експерти, чиишто мислења се можеби под влијание на нивните предрасуди или сеопштата клима во нивните општества.

3. За да ги разбереме тие прашања, заклучоците треба да ги изведеме преку искрениот обид објективно да се разгледаат овие теми, потпирајќи се врз непристрасното разгледување на достапните факти.

А сега, да се обидеме заедно да истражиме и да откриеме што навистина вели исламот за насилството во сите негови форми.

Дефиниција за насилството:

Според Светската здравствена организација (WHO) насилството може да се дефинира на следниов начин: „Намерната употреба на сила и моќ, во форма на закана или вистински, против себеси, друго лице или против друга група и заедница, која резултира или има голема веројатност да заврши со повреда, смрт, психолошка штета, нарушен развој и лишување.“

Користејќи ја оваа дефиниција, ставот на исламот кон ова прашање треба да зависи од следниве фактори:

Вршителите на овој акт

Оние врз кои спомнатите акти се извршени

Причината за таков акт

Законитоста на таквиот акт

На пример, доколку вршителите на актот на „намерната употреба на сила и моќ“ се легитимни влади или овластени инстистуции (наспроти самоименуваните „свети воини“) и доколку истиот се врши врз осудени криминалци кои за своите казниви дела се казнуваат според исламскoтo учење, во таа ситуација исламот не се спротивставува на користењето на сила во рамките на овие граници.

Како и многу други нации во светот, исламските општества воспоставиле казнен систем кој се темели врз законодавството, судската процедура, но и врз општоприфатените културни и општествени норми. Несреќна нужда, во врска со криминалните елементи кои целат да нанесат штета во општеството, е користењето на физичка сила или моќ за да се потчинат, притворат (затворат) и казнат тие индивидуи.

Како и да е, исламот не дозволува обичните граѓани да го земаат законот во свои раце. Ова право му се доделува на законскиот муслимански владетел, или на оние што тој ги назначува да ги извршуваат овие задачи.

Исто така, исламот не е против употребата на сила (на начин претходно спомнат во дефиницијата) доколку истата ја спроведуваат легитимни нации против други држави, кои со своите активности се закана за нивното постоење, сувереност, нивните слободи, нивната сигурност и национална безбедност, иако исламскиот закон жестоко се противи на било каква неправедна употреба на сила, дури и во овие околности. Исламот предвидува дека во воен конфликт со сила се конфронтираат само војниците на бојното поле, и дека само против организирани воени формации може да се користи физичка сила која може да им наштети.

Исламот забранува секаква форма на употреба на сила врз жени, деца и други цивили кои не се вклучени во воените дејствија. Употребата на сила против овие категории е строго забранета. Исто така, важно е да се напомене дека и покрај фактот дека исламот го прифаќа насилството во битка, која е природна последица на војната, тој секогаш преферира да се постигне мирно решение наместо да се прибегне кон крвопролевање.

Куранот, светата книга на исламот, јасно вели: „Ако тие бидат склони кон мир, биди и ти склон и потпри се на Аллах, бидејќи Тој, навистина, сѐ слуша и сѐ знае.“ (Куран, 8:61)

Во првите денови и години од животот на Мухамед -Божјиот мир нека е над него- како пророк[1], тој и неговите следбеници живеле во Мека тринаесет години под крајно угнетувачки услови. Многумина се соочиле со тортура и насилство поради напуштањето на идолопоклоничките практики на паганските Арапи и прифаќањето на монотеизмот. И покрај ваквата состојба, Божјиот пратеник -Божјиот мир нека е над него- и неговите следбеници се воздржале од вооружена борба против своите угнетувачи, и во многу ситуации не го користеле дури и правото на самоодбрана, трпеливо соочувајќи се со суровоста која ја преживувале. Кога воениот судир бил неизбежен и кога муслиманите биле принудени да се борат за своето постоење и верските слободи, дури и во таа ситуација тие барале мирни решенија и се обидувале да го избегнат вооружениот конфликт.

Сето ова дава јасна индиција дека исламот е религија на мирот, која му дава предимство на мирот наспроти војната, и на ненасилните решенија на кофликтите наспроти насилните. Вистина е дека исламот не се спротивставува целосно на користењето на силата во специфични околности, но исто така е вистина дека исламот има за цел да ја регулира употребата на сила, која ќе се употреби на соодветен начин и со соодветен интензитет диктиран од Божјиот закон.

На пример:

Од овластените лица може да биде побарано да употребат сила за фаќање на осомничен и за негово притворање

Случаен минувач може да бидат обврзан со употреба на сила за да прекине тепачка

Родител може да биде принуден да употреби „сила“ за одговорно да ги дисциплинира своите деца

Невина жртва може да биде доведена во ситуација да употреби сила за да се одбрани од напаѓач

Исламот одобрува употреба на сила во вакви и слични ситуации, под услов употребената сила да е соодветна и да не ги надминува законските ограничувања. Дури и во такви ситуации исламот ги охрабрува своите следбеници да избегнуваат насилство и да користат мирољубив пристап.

Се пренесува дека Божјиот пратеник -Божјиот мир нека е над него- рекол: „Благоста ја разубавува секоја работа, а онаа работа од која е отстранета благоста се нагрдува.“

Кое е објаснувањето за куранските цитати кои охрабруваат убивање на немуслиманите каде и да се?

Многу курански цитати потврдуваат дека секој што во мир коегзистира со муслиманите има право на праведност, сомилост и почит. Тоа важи за секој што е мирољубив кон муслиманите, без оглед на невовата религија:

Аллах не ви забранува да чините добро и да бидете праведни кон тие што не војуваат против вас заради верата и кои од родниот крај не ве прогонуваат – Аллах, навистина, ги сака тие што се праведни.“ (Куран, 60:8)

Доколку беше вистинско тврдењето дека Куранот наредува убивање на секој немуслиман поради неговата религија, тогаш како би го објасниле фактот дека религиски малцинства преживеале во исламските општества во текот на исламската историја долга повеќе од четиринаесет векови, и ја практикувале слободата на изразување на верската припадност под муслиманска власт?

Јасно е дека муслиманите, како луѓе, ниту биле, ниту пак        ќе бидат безгрешни. Имало периоди кога имале довлно моќ да ги елиминираат немуслиманите кои биле под нивна власт. Нивната воздржаност која ја покажале била, а тоа е повеќе од јасно, резултат од влијанието на куранските текстови кои ја забрануваат присилбата во вера.

Земето го предвид и фактот дека куранот му дозволува на муслиман да стапи во брак со христијанка или Еврејка. Доколку беа точни тврдењата дека куранот го обврзува муслиманот да ги убие сите немуслимани, тогаш како му дозволува на истиот тој муслиман да стапи во брак со немуслиман? Бракот е најверојатно најблискиот однос помеѓу две човечки битија кој во Куранот е опишан како однос кого го карактеризира мир, љубов и сочувство, а не насилство поради теолошките разлики:

И еден од доказите Негови е тоа што за вас, од видот ваш, создава жени за покрај нив да се смирите, и тоа што помеѓу вас создава љубов и сомилост. Во тоа навистина има знаци за луѓето што размислуваат.“ (Куран, 30:21)

Исламот и корените на насилството:

Исламот, освен забраната на неправедното и непотребното насилство, ограничувањето на неопходното „користење на сила“, поттикнувањето на муслиманите да бидат благи и љубезни дури и кога се соочуваат со игнорирање и бруталност, оди уште еден чекор подалеку. Со цел да се спречи насилството, исламот ги анализира и дава совети за искоренување на причините за насилство.

Лутина:

Во еден хадис[2] е забележано дека еден човек дошол кај Божјиот пратеник Мухамед -Божјиот мир нека е над него- и го прашал за совет. На ова прашање Божјиот пратеник едноставно му рекол да не се лути, да не дозволи да бите обземен од лутината. На неколкупати поставеното исто прашање и барање на совет, одговорот бил ист: „Немој да дозволиш да те обземе лутината.

Исламски авторитети се согласуваат дека оваа случка е автентична и дека на муслиманите им се советува својата лутина да не ја претворат во дело, затоа што се случуваат трагедии кога луѓето делуваат во состојба на лутина и гнев.

 

Екстремизам[3]:

Во Куранот се вели: „О, следбеници на Книгата, не претерувајте во своето верување...“ (Куран, 4:171)

Исламските авторитети забраната упатена кон следбениците на Книгата (христијаните, Евреите и другите немуслимани чиишто убедувања се темелат врз објавена книга) ја сметаат за забрана која се однесува и на муслиманите, затоа што претерувањето во религијата е за осудување, без оглед на вршителот.

Учените укажуваат и на хадисот во кој Божјиот пратеник -Божјиот мир нека е над него- советува: „Чувајте се од претерувањето затоа што народите пред вас беа уништени поради екстремизам во прашањата на верата.

Предрасуди:

Во текот на историјата предрасудите била искрата која многу често го распламтувашла оганот на насилството. Благородниот Куран им забранува на муслиманите да дозволат култивирање на предрасудите врз основа на расата, бојата на кожата, националната припадност и племенската идентификација:

О, луѓе, Ние од еден маж и од една жена ве создадовме и на народи и племиња ве поделивме за да се Запознавате. Најугледен кај Аллах е тој што најмногу се плаши од Него...“ (Куран, 49:13)

Со други зборови, Аллах нè вреднува врз основа на нашата вера и побожност, а не врз база на некој друг критериум. Така треба да се однесуваме и ние.

Божјиот пратеник Мухамед -Божјиот мир нека е над него- рекол: „Луѓе, навистина вашиот Господар е Еден и вашиот татко е еден. Арапот не е повреден од неарап, ниту пак неарапот е повреден од Арап. Ниту белецот не е повреден од црнец ниту, пак, црнецот е повреден од белец освен по побожност.

Алчност:

Алчноста е навистина причина за многу акти на агресивност и насилство. Поради оваа реалност исламот повеќепати ги опоменува своите следбеници да внимаваат на оваа нездрава склоност кон алчноста.

Божјиот пратеник -Божјиот мир нека е над него- рекол: „Чувајте се од алчноста, затоа што таа беше причина за уништување на народите пред вас.

Исламот и домашното насилство:

Некои критичари тврдат дека исламот ги одобрува актите на домашно насилство и го поддржува користењето на насилство во домот со цел да се контролираат сопругата и децата. Повторно ова пристрасно гледиште не е поткрепено од исламското учење, директивите на куранот и зборовите на Божјиот пратеник Мухамед -Божјиот мир нека е над него-.

Домашното насилство може да се дефинира како „образец за насилно и присилно однесување, кое вклучува физички, сексуални и психолошки напади, како и економска принуда кои возрасните или адолесцентите ги користат против нивните интимни партнери, во заедница во која насилникот и жртвата се состануваат, кохабитираат, се во брак итн.“

Втората дефиниција вели дека домашно насилство е „однесувањето на лице кое е во врска, и кое го користи за да ја контролира другата страна...“

Домашното насилство има многу форми кои вклучуваат:

Навредување, понижување и исмејување

Забрана партнерот да контактира со своето семејство и пријатели

Задршка на пари

Забранување партнерот да се вработи и да остане на работа

Заканување или вистинско физичко насилство

Сексуален напад

Демнење

Заплашување

Исламските текстови и учења недвосмислено го осудуваат и забрануваат семејно насилство. Бог наредува верниците од машки пол кон сопругите да се однесуваат на начин кој е познат и прифатен од страна на сите како добро брачно однесување.

Со нив убаво живејте!“ (Куран, 4:19)

Убавото спомнато во овој курански цитат од страна на исламските авторитети е опишано како користење на љубезни зборови кога ѝ се обраќаме, благо однесување кон жената, претставителен изглед во нивното присуство секогаш кога е можно, или да сумираме „сопругот треба да се однесува кон неговата сопруга на начин како што таа сака да се однесува кон него.“

Нема место за насилство, малтретирање, закани за ниту еден од погоре наведените примери, во оваа директива за мажите каков треба да биде нивниот однос кон сопругите. Домашното насилство и малтретирање е спротивно на исламските учења.

2. Исламот и тероризмот:

 

Прашањето кое повеќе од било кое друго ги натажува современите муслимани е неправедното поврзување на исламот со тероризмот.

Во ситуација кога две лица би извршиле слични насилни криминални дела, и доколку едниот од двајцата е муслиман а вториот има друга религиска определба, тажната вистина е дека речиси со сигурност муслиманот би се етикетирал како „терорист“ а неговото дело како „терористички акт“ со „верски и политички мотиви“. Вториот можеби би бил дефиниран како „фанатик“ со радикални и ектремни идеи, можеби како лице со специфична ментална состојба, но неговата верска идентификација ретко или можеби никогаш не би се спомнала како извор, корен или двигател на неговите насилни криминални дела. Ваквиот третман и однос е суштински двигател во прегорот на муслиманите за самодокажување пред немуслиманскиот свет.

Дефинирање на тероризмот

Да продолжиме со процесот на анализа на овие прашања, почнувајќи со јасно дефинирање на условите кои ќе ја поддржат нашата дискусија.

Многу од дадените дефиниции за тероризмот имаа одреден политички и емоционален набој. Како и да е, мноштвото експерти се согласуваат дека тероризмот би можел да се дефинира како „незаконско и пресметливо користење на насилство, закана со насилство, заплашување или принуда со цел да се постигнат цели кои по природа се: политички, расни, етнички, религиски или идеолошки.“

Исламот категорично му се спротивставува и апсолутно го забранува користењето на сила, од страна на муслиманите, како средство за принуда на други да ги прифатат верските убедувања и практика, или да се согласуваат со неговите политички цели.

Куранот јасно вели: „Нема присилба кон верата, Вистинскиот пат јасно се разликува од заблудата!“ (Куран, 2:256)

Исто така, исламот не дозволува неговите следбеници да користат бомбашки напади, киднапирања, грабнувања, изнудувања или други „нелегитимни“ форми на насилство како средство за постигнување на верски или политички цели.

Како што претходно спомнавме, според исламот состојбата на војна ја прогласуваат законските влади и истата продолжува помеѓу нации/држави, а не индивидуи, под знамето на легитимен муслимански владетел а не самоназначен водач. Воените активности се насочени само кон војниците и никогаш кон цивилите и другите категории кои не учествуват во воените активности.

Вистина е дека исламот ги охрабрува муслиманските нации да градат силни армии, но не со цел да бидат користени во нелегитимни и неправедни акти на насилство против другите. Овие армии треба да ја играат улогата на бариера за непријателите, кои познавајќи ја силата на муслиманите ќе преферираат мир, а не војна.

 

 

3. „Џихадот“ во исламот:

 

Куранскиот и арапскиот термин „џихад“ најчесто е погрешно преведен како „Света војна“. Ваквиот превод е огромна грешка во интерпретацијата на значењето на овој термин и истиот е извор на многу недоразбирања и конфузија.

Како прво, треба да имаме на ум дека Куранот е објавен на арапски, а не на англиски, и доколку го бараме најадекватниот превод на кованицата „Света војна“ на арапски ќе видиме дека тој е „الحرب المقدسة-Ал Харб Ал Мукаддесе“, израз кој нема да го најдеме на ниедно место во Куранот,  ниту во говорот на Божјиот пратеник Мухамед -Божјиот мир нека е над него-.

Дури и кога Куранот зборува за одбранбената војна, тој никогаш не ја глорифицира ниту ја нарекува „Света“. Таа наместо глорификација се опишува како нешто што не се сака, кое се користи како крајно решение и како последна алтернатива на непревземањето акција против агресијата и угнетувањето.

Ви се пропишува борба, иако не ви е по волја! Можеби не сакате нешто, а тоа е добро за вас; можеби сакате нешто, а тоа е лошо за вас! Аллах знае, а вие не знаете.“ (Куран, 2:216)

Во продолжение самата кованица „Света војна“ буквално значи војна во име на една религија против друга. Не постои курански текст кој одобрува војување против мирољубив немуслиман, само поради причината дека се работи за немуслиман/немуслиманка. Од верска перспектива слободно можеме да дискутираме дека терминот „Света војна“ сам по себе е контрадикторен затоа што нема ништо „свето“ во војна која резултира со крвопролевање, уништување и човечко страдање. Да, во некои екстремни ситуации војната може да биде единствениот избор, но не треба да се смета за „света“ во себе и за себе.

За да ја продолжиме оваа анализа сметаме дека е многу корисно да ги појасниме значењата на „џихад“ етимолошки и терминолошки.

Џихад е арапски термин изведен од коренот „Џجهـد“, што буквално значи, да се стремиме, односно да вложиме напор. Тоа е истиот корен од кој е изведен и терминот „Иџтихад-اجتهاد“ кој е однесува на интелектуалниот напор вложен од страна на исламските зналци за да дадат втемелено верско мислење за некој нов проблем или прашање.

Постојат неколку клучни стихови во Куранот во врска со оправданоста на прибегнување кон борбен џихад, и сите тие, по природа, се многу специфични:

И борете се на Аллаховиот пат против тие што се борат против вас, но не преминувајте ги границите! Аллах, навистина, не ги сака тие што ги пречекоруваат границите.“ (Куран, 2:190)

И борете се против нив сè додека не исчезне идолопоклонството и додека Аллаховата вера да може слободно да се исповеда. Па ако престанат, тогаш непријателството престанува, а единствено против насилниците останува.“ (Куран, 2:193)

Од овие два клучни цитата од Куранот би требало да ни стане јасно дека има само две оправдувања за прибегнување кон борбен џихад, а тие се спречувањето на агресијата и тешките форми на угнетување. Условот за прекинување на непријателствата не е прифаќањето на исламот, туку престанувањето на агресијата и угнетувањето од спротивната страна.

Слични на горенаведените стихови се и куранските текстови со кои се санкционираат борбите. Овие текстови, доколку се разбрани во нивниот текстуален и историски контекст, ќе видиме дека се однесуваат на услови на војна и не треба да се генерализираат.

Описите на агресорите и угнетувачите како одбивачи на верата или како идолопоклоници не значи дека против нив треба да се војува затоа што не се муслимани (без оглед на фактот дека, од историски аспект, овие агресори многу често биле немуслимани). Куранот, всушност, дозволува и војна против браќата муслимани доколку тие се агресори и само доколку средствата за воспоставување мир и правда биле неуспешни.

Ако се судрат две групи верници, смирете ги; а ако едната од нив сепак ѝ стори насилство на другата, тогаш борете се против таа што сторила насилство сè додека не се врати кон Аллаховите прописи. Па ако се врати, тогаш непристрасно смирете ги и бидете праведни; Аллах, навистина, ги сака праведните.“ (Ел Хуџурат, 49:9)

Затоа, само за да биде јасно, факт е дека борбите (насилството) се дозволени само при постоење на агресија, а не поради различното верско убедување. Ниту еден стих во Куранот, кога истите ќе се ставаат во соодветниот текстуален и историски контекст, не ја дозволува борбата против други врз основа на нивната вера, етничка припадност или националност. Да се стори тоа значи да им се противречи на веќе етаблираните исламски вредности и принципи.

Борбениот џихад не е ограничен само од аспект на она што го оправдува или не го оправдува. И начинот на водење на борбениот џихад е стриктно регулиран. Божјиот пратеник Мухамед -Божјиот мир нека е над него- им дал насоки на своите следбеници и на идните муслимани како да се однесуваат на бојното поле. И повторно ќе кажеме дека овој „омразен акт“, војната, не треба да се применува доколку постојат други мирни и правични средства да се запре агресијата и угнетувањето.

Понатаму, исламските правила со кои се регулира борба вклучуваат:

Намерите треба да бидат искрени и чисти. Не треба да бидат двигатели себичноста, личниот интерес и националната агенда

Треба да постои објава на војна од страна на легитимен авторитет по неопходните консултации

Во никој случај не треба да се нанесува штета на оние кои несе вклучени во воените дејства

Сите треба да се воздржат од грабежите и непотребното уништување

Воените заробеници и ранетите треба да се третираат хумано

Вредно е да се напомене дека во долгата историја на исламот имало моменти кога овие услови и правила се почитувале, но и други периоди кога се случувале повреди на истите од различни степени. Колку тажно и да звучи, оваа вистина е реална за повеќето народи. Постојат и некои погрешни интерпретации на концептот на џихад од страна на некои проучувачи на исламот, кои веројатно биле под влијание на околностите на времето во кое живееле.

Останува фактот дека на исламските учења не треба да им се суди според нешто што муслиманите во минатото или денес го направиле, ниту, пак, според погрешните толкувања, минати и современи. Верските текстови зборуваат сами за себе и куранот е многу јасен по овие прашања.

Дали Исламот се ширел со сила и со „закана со сабја“?

Антиисламистите честопати користат делови од Благородниот Куран како оправдување на нивните стереотипи дека исламот е религија на насилството која се ширела со меч и дека не е толерантен. Една поблиска анализа од друга страна открива едно покомплексно и поспецифично читање. На пример:

1. „Кога Господарот твој им вдахна на мелеците: ,Јас сум со вас, па зацврстете ги тие што веруваат! Во срцата на неверниците Јас страв ќе влеам, па вие по вратовите удрете ги и по прстите удрете ги!??ʻ“ (Куран, 8:12)

Гледајќи го самостојно и номинално, ова поглавје, на прв поглед, наредува муслиманите да извршуваат насилство кон немуслиманите. Вистината е дека ова поглавје дискутира за специфична историска битка – Битката кај Бедр и не е општа насока за интеракција со немуслиманите. „Неверниците“ наведени во овој цитат се непријателски настроените војници на бојното поле.

2. „Кога ќе поминат светите месеци, тогаш убивајте ги многубошците каде и да ги најдете...“ (Куран, 9:5)

Ова поглавје честопати се користи од страна на антиисламистите, кои со цел погрешно да го протолкуваат Куранот, неговите делови ги вадат од текстуалниот контекст. Да видиме за што зборува овој курански ајет:

Идолопоклониците кои се спомнати се, всушност, непријателски настроените опоненти во регионот, кои биле закана за постоењето на првите муслимани. Овие непријатели постојано ковале завери против Мухамед -Божјиот мир нека е над него- и неговите следбеници, и честопати нивна цел било атентат врз Божјиот пратеник -Божјиот мир нека е над него- и убивање или поробување на неговите следбеници.

Критичарите секогаш го цитираат петтиот ајет на ова поглавје, но ги занемаруваат деталите за околностите спомнати во четвртиот и шестиот ајет.

Четвртиот ајет ги насочува муслиманите да ги почитуваат своите спогодби и договори со немуслиманите и да задржат добри односи со сојузниците дури и во време на непријателства.

Шестиот ајет вели: „Ако некој од многубошците те замоли за заштита, ти заштити го за да ги чуе Аллаховите зборови, а потоа испрати го на безбедно место за него...“ (Куран, 9:6)

И покрај живеењето под постојана закана од напад, муслиманите се трудат да го одржат мирот и добрите односи со нивните соседи немуслимани, и да се однесуваат хумано дури и кон нивните најлоши непријатели

3. „Кога со неверниците во борба ќе се сретнете, по вратовите удрете ги сè додека не ги ослабнете, и тогаш врзете ги...“ (Мухамед, 47:4)

Повторно ќе кажеме дека ова поглавје „Мухамед“ е објавено во првата година по преселбата на Мухамед -Божјиот мир нека е над него- од Мека во Медина, кога муслиманите сè уште биле под постојана закана од истребување преку инвазијата од страна на нивните непријатели, кои во овој ајет се нарекуваат „неверници“, кои во тоа време живееле во Мека.

Овие цитати се груби и можеби се чини дека го одобруваат насилството. Но, кога ќе ги анализираме во нивниот вистински контекст, ќе видиме дека истите се одговор на екстремните околности, кога муслиманската заедница била опкружена од непријателски настроени опоненти и се однесуваат на бруталната реалност на војната. Тие на ниеден начин не се општа насока како да се однесуваме со немуслиманите, и ако некој ги користи како оправдување за насилството и тероризмот, тогаш со сигурност тврдиме дека е во заблуда и дека се злоупотребени.

Светиот Куран и традициите на пророкот Мухамед -Божјиот мир нека е над него- покажуваат дека исламот во својата суштината и според изворното толкување е религија на мирот. Терористите кои прогонуваат невини луѓе, поради нивната религија, не се добродојдени и истите исламот го користат како жртвено јагне. Исламот не е, ниту, пак, бил онаков каков што тие се обидуваат да го прикажат.

Зарем не постојат стихови во Куранот кои велат дека исламот е религија на вистината, и затоа мора да „надвладее“ над сите други религии?

Вистинскиот ислам, практикуван според автентичните извори, Куранот и Традицијата на Божјиот пратеник -Божјиот мир нека е над него- воопшто нема империјалистички тенденции. Некои муслимански владетели во текот на историјата можеби, со различен интензитет, застраниле од автентичните учења на исламот, но ова не е реална слика на исламот, туку рефлексија на нивните сфаќања и дела.

Историјата дава докази дека ширењето на исламот било многу побрзо при периоди на мир, а не во време на војна. Дури и во време кога муслиманите не доминирале економски, општествено, војно и политички, продолжувало ширењето на исламот. Истиот феномен е видлив и денеска, време за кое со голема веројатност можеме да кажеме дека е период на големи страдања и прогон на муслиманите во многу делови на светот.

Од историска гледна точка, многумина што војувале против исламот и извршиле грозни злодела против муслиманите, каков што е случајот со Монголите и крстоносците, на крајот самите го прифатиле исламот. Слободно можеме да кажеме дека примањето на верата на освоениот од страна на освојувачот е почеста отколку спротивното.

Еден поглед на мапата на исламскиот свет покажува дека мнозинството на муслимани живеат во земји во кои немало војни, па дури ни одбранбени војни. Пример е Индонезија во која денес живеат околу 200 милиони муслимани.

Во својата книга „Историја на Исламот“, Томас Арнолд, поранешен христијански мисионер во Индија, посочува дека иако имало одредени периоди кога муслиманските владетели се оддалечувале од оваа толеранција, тоа биле грешки на самите владетели и не може да им се припишат на исламското учење. Тој заклучува дека има два примарни фактора за ширењето на исламот во светот, трговците и мистиците, две групи кои хумано работеле и со благост ги повикувале луѓето на Аллаховиот пат.

Во овој момент вредно е да се запрашаме, доколку, да речеме, исламот навистина дозволува користење на сила за да ги конвертира луѓето, тогаш како верските малцинства напредувале под муслиманско владеење? Зошто Куранот и Суннетот експлицитно диктираат прописи и права за заштита на немуслиманските малцинства кои живеат под муслиманска власт, ако се смета дека исламот за да „надвладее“ треба да ги елиминира другите религии?

Навистина, зошто Куранот повеќепати (како на пример во овој курански цитат „И со следбениците на Книгата расправајте на најубав начин...“ 29:46) зборува за мирен дијалог со немуслиманите доколку нивната вера треба да биде „надвладеана“?

Вистина е дека три курански цитати (9:33, 48:28 и 61:9) потврдуваат дека Бог со своeто упатство и со вистинската вера го пратил Божјиот пратеник (Мухамед -Божјиот мир нека е над него-) за да надвладее над другите религии. Кое е значењет на зборот надвладее во овој контекст?

Зборот „надвладее“ не треба да се гледа само низ тесниот објектив на воената или политичката моќ. Во текот на историјата имаме многу примери на тирански империи кои одвреме навреме надвладеале економски, политички и воено, сепак нивната доминација била привремена. Всушност подобар превод на Куранскиот арапски текст „ли јузхиреху-ليظهره“ не е „да надвладее“, туку „да го прогласи“.

Овие курански текстови повеќе зборуваат за убавината и придобивките на Аллаховиот пат отколку за доминацијата и надвладувањето.

4. Заклучок:

 

Муслиманите ја следат религијата на мирот, сомилоста и простувањето. Ако поединецот муслиман изврши терористички акт, тогаш овој човек ќе биде виновен за кршење на основните принципи на исламот.

Кога Тимоти Mеквеј постави бомба во федерална зграда во Оклахома Сити, ниеден американец, ниту, пак, христијанин не беше означен како терорист, ниту, пак, беше цел на злосторства од омраза.

Кога Ирците христијани вршат акти на тероризам едни против други и на британските острови, не се обвинува христијанството туку се обвинуваат индивидуалци и нивната политичка агенда.

За жал, истото не е реалност за муслиманите Американци и Арапи. Големото мнозинство на муслимани и Арапи немаат врска со насилните случувања низ светот, сепак исламот се поврзува со тероризам. Овој однос не е фер кон 1.5 милијарда муслимани и кон религијата на исламот, како целина.

Аллах нека нè благослови, нека ги исчисти нашите срца од неразбирање, злоба, омраза и гнев.

 

 

ПРОГРАМА ЗА РАЗМЕНА НА ЗНАЕЊА

 

Програмата за размена на знаења (Knowledge Exchange Program-KEP) е специјализирана културна исламска програма која ги таргетира сите оние што се интересираат за религиски студии, и која има за цел да гради и да поддржува мостови на меѓусебно разбирање.

Мотивите за отпочнување на оваа програма:

Одговор на се почестите напади и стереотипизирање на Исламот.

Соодветен одговор на растечките екстремизам и насилство поврзани со верските убедувања.

Воспоставување и ангажирање за позитивен однос кон брзите промени на глобално ниво.

Соочување со промоторите на судирот на цивилизациите се побројни во западните земји и во светот.

Цели на оваа програма се следниве:

Да се даде јасна слика за исламот и за неговата перспектива кон другите религии и култури.

Да се засили меѓукултурната комуникација помеѓу истражувачите на религиите за подобро меѓусебно разбирање.

Да се истакне улогата на Саудиска Арабија во пренесувањето на вистинската и умерената порака на исламот.

Да се даде можност другите религии и култури одблиску да се запознаат со исламот и неговата култура.

Да изградат мостови на разбирање и културна комуникација.

Да ја олесни кутурната тензија помеѓу религиите и културите.

Таргетирани сегменти:

Верски институции.

Отсеци за исламските студии на меѓународните универзитети.

Медиумски институции.

Центри за религиски студии и истражувања.

Организациска структура:

 

Неговата екселенција Шејх Салих Абдул Азиз Ал Шејх, министер за исламски прашања во Кралството на Саудиска Арабија – Генерален супервизор.

Д-р Абдулах бин Фах Ал Лухејдан – Извршен супервизор

Д-р Адил ибн Ал Ал Шидди – Член

Шејх Абдулах ибн Салих Ал Шејх – Член

Халид Ал Мушух – Член

Д-р Зејд Ал Деккан – Член

Дехил Абдур Рахман Ал Фунејсан – Извршен секретар

Советодавно тело:

Д-р Халид Ебалхасан

Д-р Мамуд Мунир

Д-р Мухамед ибн Авад Ал Хариси

 

 

 

Содржина

 

 

Вовед на неговата екселенција Шејх Салих Абдул Азиз Ал Шејх, министер за исламски прашања во владата на Кралството на Саудиска Арабија  1

1. Насилството: 4

2. Исламот и тероризмот: 23

3. „Џихадот“ во исламот: 27

4. Заклучок: 44

ПРОГРАМА ЗА РАЗМЕНА НА ЗНАЕЊА   46

Организациска структура: 48

Содржина  50

 

 

 

 

 

[1] Во различни религии – толкувач на божјата волја. Според исламот пророк или Божји пратеник е доставувачот на Божјата објава до луѓето (забелешка на преведувачот).

[2] Предание за говорот и делата на Божјиот пратеник -Божјиот мир нека е над него- кои ни ги пренесуваат неговите придружници – асхабите.

[3]Претераностнепопустливостнепомирливост во постапките и во однесувањето. Преминување на границите на дозволеното.

НАСИЛСТВОТО, ТЕРОРИЗМОТ И ЏИХАДОТ ОД ИСЛАМСКА ПЕРСПЕКТИВА

Преземи

За книгата

Автор :

www.kep.org.sa - Knowledge Exchange Program

Преведувач :

Talha Kurtishi

Издавач :

www.islamhouse.com

Категорија :

Misconceptions