Еден ден во куќата на Божјиот пратеник

Еден ден во куќата на Божјиот пратеник

 

Еден ден во куќата на Божјиот пратеник

(Аллаховиот благослов и мир нека се со него)

 

[ مقدوني Macedonian– Македонски ]

                  

 

Абдул Мелик Ел Касим

—™

 

Превод: Талха Куртиши

Рецензија: Џевад Хот

Јазична редакција: Фатмир Ковачи

 

يوم في بيت الرسول

 صلى الله عليه وسلم

 

  

الشيخ عبد الملك القاسم

 

—™

ترجمة: طلحة كورتيشي

مراجعة شرعية: جواد حمزة حوت

تدقيق لغوي: فطمير كوفاتشي

Предговор

 

 

            Благодарноста му припаѓа на Аллах, кој го испрати Својот пејгамбер како упатувач и со вистинската вера, Аллаховиот благослов и мир нека се над имамот на Божјите пратеници и пратениот како милост на световите, над неговото семејство и сите негови следбеници. Мнозинството од луѓето во ова време кога е во прашање Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, претеруваат на два спротивни начинa. Едните го издигнуваат до степен, Аллах нека ни е на помош, на ширк, при што му се молат на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, бараат помош од него. Од друга страна, пак, има и такви кои го занемаруваат следењето на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, не го познаваат неговиот животен пат и неговите пораки не ги сметаат за светло кое упатува и за знакови на нивниот животен пат. Со желба на обичните луѓе да им ја приближам биографијата на Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, и деталите од неговиот живот со прикладен и лесен стил на пишување, ги напишав овие страници и свесен сум дека не се доволни за исполнување на оваа цел. Се работи за фрагменти и моменти, издвоени од неговата биографија во која се укажува на особините на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, и неговата величина. Секако дека книгава не е сеопфатна и во истата укажав на аспекти од човечкиот живот кои се занемарени, и при тоа за секоја особина и вредност спомнав како аргумент два или три хадиси. Животот на Божјиот пратеник е живот на заедница, реализација на мисија на повикување и метод на живеење. Тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, е предводник и водач во покорноста и побожноста, во дарежливоста и убавиот морал, тој е на највисокиот пиедестал, а доволен е говорот на Аллах, Возвишениот, каде го опишува на овој начин: „бидејќи ти навистина имаш најдобар карактер“(Ел Калем, 4)

Ехли Сун-не вел Џема'а го поставуваат Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, на онаа позиција на која го поставил Аллах, Славениот. Тој е Аллахов роб, Божји пратеник и Аллахов миленик и избраник, го сакаат повеќе од нивните деца и родители, па дури повеќе и од самите себе, но не претеруваат во таа љубов и не го воздигнуваат над положбата одредена од Аллах. Ние го следиме ова мислење па затоа не воведуваме мевлуди, не организираме славја, го сакаме како што ни е наредено, ги извршуваме неговите наредби и го избегнуваме она кое ни го забранил.

Највисоко сознание е дека е човек. Најдобриот од сѐ кое Аллах го создал.

Почестен е со печатот на Божјите објави. Светлина која осветлува и сведочи.

Аллах го спомна неговото име, заедно со своето. Во езанот во кој петпати дневно се спомнува.

Името „пофален“ изведено од Аллахово име, за и тој да се почитува. Владетелот на аршот е Славен (Махмуд) а тој е Ахмед

На овој свет ја немавме таа среќа да се сретнеме со Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, живеевме во различни периоди, на Аллах, џелеше'нуху, му упатувам дова да ни овозможи да бидеме од оние за кои Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рекол: „,Би сакал да можев да ги видам моите браќа.‘ Присутните го прашаа: ,Зарем ние не сме твоите браќа Божји пратенику?‘ Тој одговори: ,Вие сте моите другари а моите браќа – нивното време сѐ уште не е дојдено.‘ Го прашаа: ,Како ги познаваш тие од твојот Умет кои сѐ уште не се родени Божји пратенику?‘ ,Што мислите за човек кој поседува коњи со белило на лицето и нозете, дали истите ќе ги препознае помеѓу црни коњи‘, праша Божјиот пратеник? ,Секако дека ќе ги препознае, Божји пратенику‘, одговорија присутните. ,Тие на Судниот ден ќе дојдат со светло на лицата, рацете и нозете, деловите миени при абдест, а јас ќе им бидам претходница кај мојот извор (Хауд)...‘

 

Аллаху наш, овозможи ни да го следиме патот на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, да се напоиме од неговата традиција и да учиме од неговата биографија; Ти упатуваме дова да нѐ обединиш сите заедно со Аллаховиот избраник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, во еденските рајски градини. Аллаху наш, награди го обилно нашиот пратеник за сѐ она кое го направил. Божјите благослови и мир нека се над нашиот миленик Мухамед над неговото семејство и одбраните следбеници.

Абдул Мелик ибн Мухамед ибн Абдур Рахман Ел Касим

Посета

                Да се вратиме назад во минатите векови, да ги прегледаме страниците на историјата, да прочитаме и да размислиме за испишаните редови. Преку буквите и зборовите да ја посетиме куќата на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, да влеземе во таа куќа, да ја видиме неговата состојба, да го слушнеме како зборува. Доволно е да проживееме еден ден во куќата на избраникот Аллахов, да извлечеме поуки и инспирации и да ги просветлиме нашите зборови и дела. Портите на сознанието им се отворија на луѓето и се зголеми бројот на тие кои читаат.

            Преку книги, писма, документи и филмови сега лесно го посетуваат истокот и западот. Ние повеќе од сите нив имаме право да ја посетиме куќата на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, одблиску да се запознаеме со неговата реалност и со сериозна намера да го спроведеме во пракса она кое ќе го видиме и кое ќе го научиме. Поради краткото време нема да посетиме некои делови, а целта е да се превоспитаме и виденото и наученото да го практикуваме во нашите домови.

Муслиману!

Ние не се враќаме низ годините и вековите кои поминале за да уживаме во она кое не сме го виделе или само за да се запознаеме со нашите предци, читањето на биографијата на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, следењето на неговата традиција (сунет) и одењето по неговиот пат, всушност, е ибадет со кој му се приближуваме на Аллах, Возвишениот.

На овој начин ние ја извршуваме Аллаховата наредба да искажеме љубов кон Аллаховиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, а највпечатлив знак на таа љубов е извршувањето на неговите наредби и избегнување и дистанцирање од она кое тој ни го забранил.

Аллах, нашиот Господар, ни нареди да го следиме и да му се покоруваме на нашиот пратеник Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, да го прифатиме за предводник и пример, велејќи: „Кажи: ,Ако Аллах Го сакате, тогаш мене следете ме, и вас Аллах ќе ве сака и гревовите ќе ви ги прости!‘ А Аллах простува и Милостив е.“ (Али Имран, 31)

Возвишениот, вели: „Вие во Аллаховиот Пратеник имате прекрасен пример за тој што се надева на Аллаховата милост и на награда на оној свет, и кој често Го спомнува Аллах.“ (Ел Ахзаб, 21)

Следењето и покорноста кон Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, Аллах, Возвишениот, ги спомнал околу четириесет пати во Куранот. Нема среќа за Аллаховите робови, ниту спасение на Судниот ден, без следење на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него. (Меџму'ул Фетава, Ибн Тејмије 1/4)

„...тој што им се покорува на Аллах и на Неговиот Пратеникот, Тој ќе го воведе во џенетските градини, под кои реки течат и во кои вечно ќе остане. Тоа е голем успех!“

„А тој што нема да им биде покорен на Аллах и на Неговиот Пратеник, и што преку границите Негови ќе преминува, Тој ќе го фрли во Огнот во кој вечно ќе остане. Нему му припаѓа срамна казна!“  (Ен Ниса, 13-14)

Според Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, љубовта кон него да е причина да се вкуси сласта на иманот. Божјиот пратеник,  Аллаховиот благослов и мир нека се со него, вели: „Кој ги има овие три својства ќе ја вкуси сласта на иманот: повеќе од сѐ друго да ги сака Аллах и Неговиот пратеник...“ (Бухари и Муслим)

Тој, благословот Божји и Неговиот спас нека се над него, исто така рекол: „Се колнам во Оној во чија рака е мојата душа, нема да биде верник (со потполн иман) никој кој не ме сака повеќе од своите родители и деца.“ (Муслим)

Биографијата на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, е пријатна, благородна, од неа ќе учиме и според нејзините упатства ќе живееме.

 

 

           

 

 

Патувањето

               

                Патувањето до домот на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, за да се запознаеме со деталите на неговиот живот и со начинот на неговото однесување, само по себе предизвикува копнеж. Секако дека тоа чувство ќе биде посилно доколку целта ни е да заработиме и награда од Аллах, Возвишениот. Ова патување е поука и совет, биографија и модел за следење, покорност и одење по стапките на саканиот. Ќе патуваме низ книгите и преку преданијата на асхабите, Аллах нека е задоволен со сите... имајќи го на ум овој хадис според кој верски оправдана и пропишана е посетата на само три џамии, а не стриктно посетата на гробот на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, и на неговиот дом. Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, вели: „Не е дозволено подготвување на седлата (заради верско патување) освен за да се посетат овие три џамии: Месџидул Харам (во Мека), мојата џамија (во Медина) и Месџидул Акса во Кудс (Ерусалим).“ (Мут-тефекун алејхи)

Наша обврска е да ја спроведеме наредбата на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, поврзана со овие три џамии, затоа што Аллах, Возвишениот, вели: „Тоа што Пратеникот ќе ви го даде – земете го, а тоа што ќе ви го забрани – оставете го.“ (Ел Хашр, 7)

Ние не сме само археолози на оставнината на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него.

Ибн Ведах вели: Омер ибн Ел Хатаб нареди да се исече дрвото под кое асхабите му се заколнаа на верност на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него. Дрвото беше исечено затоа што луѓето го посетуваа и клањаа под него па затоа Омер  се исплаши да не бидат ставени во искушение. (Преданието го бележат Бухари и Муслим)

Познатиот алим Ибн Тејмије, Аллах нека му се смилува, за пештерата Хира вели: Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, пред да биде пратен, поминувал многу време во оваа пештера, обожувајќи го Бога. Во оваа пештера почнала и објавата. По почетокот на објавата на Куранот никогаш не ја посетил, ниту, пак, ѝ се приближил на оваа пештера, ниту тој ниту неговите асхаби. По почетокот на објавата на Куранот тој живеел во Мека над десет години, но не се искачил ниту ја посетил оваа пештера, ниту, пак, тоа го направиле другите верници. По преселбата (хиџрата) во Медина, тој неколку пати ја посетувал Мека како на пример во времето кога ја извршил Умрата позната како Умретул Худејбије, во времето кога Мека била повторно освоена и тогаш во Мека престојувал околу дваесет дена, истотака и во времето на Умретул Џи'ране и ниту еднаш не ја посетил, ниту се искачил до пештерата Хира. (Меџму'ул Фетава, Ибн Тејмије 25/271)

Еве нѐ пред градот на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, и првото кое го забележуваме од знаменитостите на овој град е ридот Ухуд, за кој Божјиот пратеник, алејхи селам, рекол: „Ова е Ухуд, ридот кој нѐ сака и ние го сакаме.“ (Мут-тефекун алејхи)

Пред да влеземе во домот на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, и да ја видиме неговата форма и градба, немојте да бидете изненадени доколку видите мала куќа и скромен мебел. Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, бил вистински аскет и  му било доволно многу малку за скромно живеење. Не дозволувал да биде заведен од имотот и убавините на овој свет и велел: „Моето најголемо уживање (задоволство) е кога сум во намаз.“ (Ен Несаи)

За овој свет тој велел: „Што имам јас со овој свет, мојот и примерот на овој свет е еднаков на примерот на еден патник кој патувал при сончев ден, седнал еден час од денот под сенката на едно дрво и потоа станал и го продолжил патот.“ (Ет Тирмизи)

Се приближуваме до домот на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ослушувајќи ги чекорите на тие кои чекорат по Мединските сокаци, и еве веќе се гледа една од собите на сопругите на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, изградена од лисја и кал а еден нејзин дел од камења наредени едни врз други, додека покривот е целосно од палмини лисја. Хасан Ел Басри вели: Во времето кога калиф беше Осман ибн Афан влегувавме во собите на сопругите на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, и со раце можевме да го допреме таванот. Скромна куќа, мали соби но исполнети со иман, покорност, објава и доставена порака!

Телесниот изглед на Божјиот пратеник - Аллаховиот благослов и мир нека се со него

 

                Се приближуваме до куќата на Пратеникот и чукаме на вратата барајќи дозвола... да ѝ дозволиме на имагинацијата да заплови со тие што го виделе Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, кои сликовито ни го опишуваат, небаре го гледаме. Да се запознаеме со неговата благородна појава и насмеано лице. Ел Бера' ибн Азиб, Аллах нека е задоволен со него, вели: „Лицето на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, беше најубаво лице, имаше најубава појава, не беше многу висок ниту многу низок...“ (Ел Бухари)

Тој, радијал-лаху анху, продолжувајќи со описот додава: „Божјиот пратеник имаше среден раст, широки раменици и коса која достигнуваше до ушната реса, не сум видел нешто поубаво од него кога беше облечен во црвена наметка.“ (Ел Бухари)

Ебу Исхак Ес Себи'иј вели: го прашаа Ел Бера' ибн Азиб: „Дали лицето на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, беше (блескаво) како сабја, а тој одговори не, туку како месечината.“ (Ел Бухари)

Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, вели: „Со моите раце не сум допрел ниту свила ниту нешто слично понежно од дланката на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ниту, пак, сум помирисал подобар парфем од аромата на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него.“ (Мут-тефекун алејхи)

Една од особините на Божјиот пратеник, алејхис-салату ве селам, била и срамежливоста и за неа Ебу Се'ид Ел Худри, Аллах нека е задоволен со него, вели: „Беше посрамежлив од девица во нејзините одаи, кога ќе видеше нешто што не му се допаѓаше се препознаваше на неговото лице.“ (Ел Бухари)

Во кратки црти го опишавме физичкиот изглед на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, тој убав и потполн физички изглед кој му го дал Аллах, Возвишениот. Родителите мои би ги жртвувал заради Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него.

Говорот на Божјиот пратеник - Аллаховиот благослов и мир нека се со него

            Откако се запознавме со изгледот на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, да видиме како разговарал и говорел, кои се особините на неговиот говор, да слушнеме пред да почне да зборува Избраниот. Аиша, радијал-лаху анха, вели: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, не зборуваше брзо како што зборувате вие, зборуваше јасно, со паузи и секој кој ќе седнеше со него го запомнуваше она што го рекол.“ (Ебу Давуд)

Бил благ и толерантен и сакал неговиот говор да биде разбран, внимавал и ги земал предвид разликите помеѓу луѓето, нивоата на сфаќање и можностите да се научи. Заради овие потреби бил нежен и трпелив. Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, вели: „Говорот на Божјиот пратеник беше јасен и разбирлив за секој што ќе го слушне.“ (Ебу Давуд)

Да размислиме малку за широкоградоста и великодушноста на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, кој го повторувал она што го зборувал за да биде разбран.

Енес ибн Малик, Аллах нека е задоволен со него, опишувајќи го говорот на Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, вели: „Изговореното го повторуваше трипати за да се разбере (запомни).“ (Ел Бухари)

Беше благ кон луѓето и ги смируваше кога беа исплашени затоа што понекогаш некого ќе го обземеше страв. Ибн Месуд, Аллах нека е задоволен со него, ни раскажува: Пред Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, беше доведен човек на кого тој почна да му зборува, а тој од страв почна да се тресе. Мухамед, алејхи селам, му рече: „Смири се, јас не сум крал, и јас сум син на жена која јадела сушено месо (храна на обичните луѓе).“ (Ибн Маџе)

           

Во внатрешноста на домот

           

            Добивме дозвола за влез и влеговме во внатрешноста на куќата на Божјиот пратеник и преку преданијата на асхабите јасно ја видовме состојбата на куќата, мебелот, постелнината, катовите итн. Знаеме дека не ни приличи да зборуваме за градбата, собите и сл. Но сепак, со цел да дадеме пример кој ќе го следиме, ќе разгледаме делови од оваа куќа, куќа на скромноста, со иманот како главнина на капиталот. Зарем не забележуваш дека на ѕидовите нема слики на живи суштества, искушение за кое денеска можеме да кажеме дека речиси и да нема куќа без такви слики. Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, вели: „Мелеците не влегуваат во куќа во која има куче и слики (на живи суштества).“ (Ел Бухари)

Да разгледаме дел од предметите кои Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, секојдневно ги користел. Сабит ни раскажува како Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, им покажал груба дрвена чаша зацврстена со метална ковина и рекол: „Сабит, ова е чашата на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него.“ (Ет Тирмизи) Од тој сад пиел вода, шира (вода засладена со плодови), мед и млеко.

Енес, Аллах нека е задоволен со него, раскажува: „Додека пиел Божјиот пратеник,  Аллаховиот благослов и мир нека се со него, трипати земал воздух.“ (Мут-тефекун алејхи) Тоа го правел оддалечувајќи го садот од устата.

„Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, забранил да се дише во сад и да се дува во него.“ (Ет Тирмизи)

Панцирниот елек, кој  Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, го носел во војна и битки, при тешки и напорни моменти, можеби сега не е во куќата. Истиот, Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, го заложил кај Евреин за долг од триесет мерни садови (некаде околу 63 килограми) на  јачмен, како што ни раскажува Аиша, Аллах нека е задоволен со неа. (Муттефекун алејхи)

Тој останал во сопственост на тој Евреин и по смртта на Мухамед, алејхи селам.

Никогаш не ги изненадил своите домашни и не ги исплашил со ненадејно доаѓање (навечер). Тие секогаш знаеле кога тој се враќа и при влегување секогаш ги поздравувал со селам. Размисли за овој хадис на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, со разум и широкоградост : „Блазе си му на оној кој е упатен во исламот, кој има скромен живот и кој е задоволен (со она што му е дадено).“ (Ет Тирмизи)

Послушај го и овој исто толку вреден хадис: „Кој ќе се разбуди сигурен при својот народ, здрав во телото, го има она што му е потребно за денот, на истиот небаре му е дадено богатството на овој свет.“ (Ет Тирмизи)

 

 

Роднините

            За Пратеникот на овој Умет има толку многу примери за исполнувањето на должностите кон роднините, така што само една беседа не е доволна. По ова прашање тој бил најпотполниот меѓу луѓето, бил пример за следење. Тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, бил дури  и фален од неверниците на племето Курејш кои го опишувале со имињата Садик (Искрениот) и Емин (Поверливиот) и пред да биде испратен од Бога. Хадиџа, Аллах нека е задоволен со неа, опишувајќи го, рекла: „Ти ги чуваш роднинските врски и ја зборуваш вистината...“

Да видиме како овој Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, го почитува едното од најголемите права и ја извршува едната од најголемите должности, посетувајќи ја неговата мајка која починала кога тој имал седум години.

Ебу Хурејре, радијал-лаху анху, раскажува како Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, го посетил гробот на неговата мајка, како плачел и ги расплакал тие околу него и рекол: „Од мојот Господар побарав дозвола да побарам опростување за мојата мајка, но Тој не ми дозволи, потоа побарав дозвола да го посетам нејзиниот гроб и тоа ми го дозволи. Посетувајте ги гробиштата затоа што тие ве потсетуваат на смртта.“

Размисли за љубовта на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, кон неговите роднини, за неговата грижа да ги повика во исламот, да ги упати кон вистината за да се спасат од пеколниот оган... За да го реализира тоа, се соочил со тешкотии и искушенија.

Ебу Хурејре, Аллах нека е задоволен со него, вели: кога беше објавен ајетот: „И опоменувај ги своите најблиски роднини...“ (Еш Шуара, 214) Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, го повика племето Курејш, воопштено и поединечно и рече: „О потомци на Абду Шемс, о потомци на Ка'б ибн Луеј спасете се себеси од огнот пеколен, о потомци на Муре ибн Ка'б спасете се себеси од огнот пеколен, о потомци на Абдул Менаф спасете се себеси од огнот пеколен, о потомци на Хашим спасете се себеси од огнот пеколен, о потомци на Абдул Муталиб спасете се себеси од огнот пеколен, Фатиме, ќерко моја, спаси се себеси од огнот пеколен, јас пред Бога немам никаква моќ освен роднинските врски за кои ќе се грижам како што треба.“

Таков е нашиот сакан Пратеник, безброј пати, неуморно и упорно го повикувал својот чичко Ебу Талиб, па дури и во моментите пред неговата смрт: Кога на Ебу Талиб му се приближил смртниот час, во посета му дошол Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, а кај него веќе беа Ебу Џехл и Абдулах ибн Ебу Умеје. Божјиот пратеник го посоветувал: „Чичко мој, кажи Ла илахе иллал-лах, зборови заради кои пред Аллах ќе можам да те бранам.“ Ебу Џехл и Абдулах ибн Ебу Умеје му рекоа: „Ебу Талиб, зарем ќе се откажеш од верата на Абдул Муталиб?“, и тоа го повторија неколку пати а последното кое го изговори беа зборовите – во верата на Абдул Муталиб. Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рече: Ќе го молам Аллах, Возвишениот, да ти прости сѐ додека не ми биде забрането, па беше објавено: „На Веровесникот и на верниците не им е дозволено да молат прошка за многубошците, дури и да им се најблизок род, кога им е јасно дека тие ќе бидат жители на џехенемот.“ (Ет Теуба, 113)

Исто така беше објавено: (Ел Касас, 56)  „Ти навистина не можеш да го упатиш на Вистинскиот пат кого ти сакаш...“ (Ахмед, Ел Бухари и Муслим) Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, многупати, додека беше жив, го повикуваше во исламот својот чичко, па дури и во предсмртните моменти, а по смртта бараше прошка, сето тоа со мотив на доброчинство и сомилост, тоа го правеше сѐ до објавата на овие ајети.

По објавата на овие ајети ѝ се покори на Аллаховата наредба и престана да се моли за идолопоклониците од неговите роднини. Сето ова е возвишен израз на сомилост на Пратеникот кон неговиот народ, кој на крајот се прикажува како практичен пример за солидарност во оваа вера, но исто така и дистанцирање од сите форми на неверство и многубоштво, па дури и кога се работи за најблиските роднини.

Од Бога пратен дојде во време на големо незнаење - Пратеник,  кога сѐ уште се обожуваа идоли

Стана светилка која осветлува и упатува - Блеска како што блеска мечот

Опоменуваше со пекол и ветуваше рај за побожните - Не подучи за исламот па затоа на Аллах му благодариме.

 

Божјиот пратеник -  Аллаховиот благослов и мир нека се со него во својот дом

Домот на човекот е вистинскиот критериум кој укажува на моралот, воспитанието, за тоа каков сопатник е, за суштественото на еден човек, додека е зад ѕидовите, далеку од погледите. Тој тука е сам, со најблиските. Природниот и достоинствениот начин на однесување на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, во својот дом зборува за кулминацијата на скромност во однесувањето на главниот командант. Нема глума и преправање, се одликувал со благост кон послабите членови на семејството. Да размислиме за однесувањето на водачот и Пратеникот на овој Умет,  за тоа како се однесувал во својот дом, имајќи ја предвид неговата позиција и висока функција. Ја прашале Аиша, радијал-лаху анха: „Што правеше Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, во својот дом?“ Таа одговорила: „Беше како и секој човек, крпеше облека, ја молзеше овцата и самиот ги вршеше своите потреби.“ (Ет Тирмизи)

Тој е жив пример на скромност, не беше горделив и не им ги наметнуваше на другите личните потреби. Племенит како соработник и благороден како помагач, избраниот потомок на Адем, алејхи селам, ги врши сите овие работи во домот од кој се прошири светлоста на оваа вера. Во тој дом честопати немаше храна за да се наполни стомакот. Ну'ман ибн Бешир, Аллах нека е задоволен со него, ја опишува состојбата на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, и вели: „Го сретнав Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, во состојба кога тој немаше можност да се најаде дури ни со неквалитетни урми.“ (Муслим)

Аиша, радијал-лаху анха, додава и вели: „Во семејството на Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, поминуваше цел месец без да се запали оган (за готвење), се храневме со вода и урми.“ (Ел Бухари)

Тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, не дозволуваше ништо да го замае и да заборави на верските обврски и должности... Кога ќе слушнеше „дојдете на намаз, дојдете на спас“ брзајќи се одѕиваше на овој повик и зад себе го оставаше овој свет.

Есвед ибн Језид вели: „Ја прашав Аиша, радијал-лаху анха: ,Што правеше Божјиот пратеник во својот дом?‘ Таа одговори: ,Ги вршеше сите семејни должности, но кога ќе го слушнеше езанот, излегуваше.‘“ (Муслим)

Не постои ниту еден автентичен доказ дека Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, клањал некој задолжителен намаз во својот дом, освен во моментите на тешката болест пред неговата смрт, кога не можеше да излезе во џамија. И покрај неговата благост и милост кон неговите следбеници, со строгост им се обраќаше на оние кои задолжителните намази не ги клањаат во џамија. Тој, Божјиот спас и мир нека се над него, велеше: „Размислував да наредам да се клања намаз, да одредам имам кој ќе ги предводи па да тргнам и да им ги запалам куќите на тие што не присуствуваат во џамија.“ (Мут-тефекун алејхи)

Ова зборува за важноста на намазот со џемат и во џамија и за сериозноста на ова прашање. Божјиот Пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, рекол: „Тој што ќе го слушне езанот и нема да му се одѕвие нека знае дека, освен со оправдување, неговиот намаз не е примен.“ (Ибн Маџе и Ибн Хиббан) За оправдување се смета реалниот страв и болеста.

А каде се денешните клањачи? Да не се можеби покрај нивните сопруги далеку од џамиите! Дали е нивното оправдување стравот или болеста!

 

 

Однесувањето и претставителноста на Божјиот пратеник -  Аллаховиот благослов и мир нека се со него

 

            Однесувањето и движењата на еден човек укажуваат на неговиот разум и се клуч за осознавање на неговото срце. Аиша, мајката на правоверните, ќерката на Ебу Бекр Ес Сидик, Аллах нека е задоволен со неа и нејзиниот татко, најдобро го познава однесувањето на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него. Таа била со него во текот на целиот ден, кога бил здрав или болен, кога спиел и кога бил буден, кога бил смирен и кога бил лут.

Мајката на правоверните, Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, вели: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, не беше безобразен ниту бесрамен, не викаше по пазарите и лошото не го враќаше со лошо. Простуваше и преминуваше преку лошото.“ (Ахмед)

Ова е моралот на подарената милост и даруваната од Бога благодат. Опишувајќи го неговото однесување, неговиот внук Хусејн, радијал-лаху анху, вели: Го прашав татко ми (Али ибн Еби Талиб, радијал-лаху анху), опиши ми како се однесуваше Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, на седенка, а тој ми одговори: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, секогаш беше насмеан, благопријатен, лесен, не беше груб и раздразлив, не викаше, не навредуваше, не беше намрштен, се правеше дека не го слушнал она што не му се допаѓа, беше подготвен да помогне, не претеруваше во ништо, се чуваше од преправање и не зборуваше за нешто што не го интересира. Внимаваше да не ги навреди другите, не бараше да му се поверат и зборуваше само кога знаеше дека во тој говор има себап, присутните го слушаа тој што зборува сѐ додека не заврши, се смееше на тоа на што и присутните се смееја, му се допаѓаше она што им се допаѓаше на другите. Беше трпелив кон неприкладното однесување на туѓинец во говор или кога нешто барал и тогаш кога истите биле донесени од неговите асхаби, велеше: „Кога ќе видите некого со потреба помогнете му“.Не прифаќаше да биде фален, освен од некој нему сличен. Не го прекинуваше тој што зборува, освен кога неговата беседа се одолжуваше, тогаш го прекинуваше или стануваше.“ (Ет Тирмизи)

Размисли за особините и својствата на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, со кој е почестен овој Умет, размисли за сите, една по една, прифати ги овие особини и труди се да работиш според нив – во овие особини е концентрирано сѐ што е добро. Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, практикуваше да ги подучува, по прашања од верата, тие кои беа присутни на неговите собири.

Примери за такви совети се следниве:

Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, вели: „Кој ќе умре молејќи му се на некој друг освен Аллах ќе влезе во пеколот.“ (Ел Бухари)

Божјиот Пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, советувал: „Муслиман е оној од чии јазик и раце се сигурни останатите муслимани, а мухаџир е оној кој ќе го напушти она кое Аллах, Возвишениот, го забранил.“ (Муттефекун алејхи)

Пример е и хадисот: „Израдувајте ги тие кои во мрак пешачат кон џамиите со потполно светло на Судниот ден.“ (Ет Тирмизи и Ебу Давуд)

И зборовите на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него: „Борете се против многубошците со вашите имоти, со вашите животи и вашите јазици.“ (Ебу Давуд)

Божјиот Пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, исто така рекол: „Понекогаш робот Божји ќе изговори зборови без да биде свесен што зборува, поради нив ќе пропадне  во оганот, подлабоко отколку што е далечината помеѓу истокот и западот.“ (Мут-тефекун алејхи)

Божјиот Пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, вели: „Не сум пратен да проколнувам, пратен сум како милост.“ (Муслим)

Омер, радијал-лаху анху, пренесува дека Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рекол: „Немојте премногу да ме величате како што христијаните го воздигнаа синот на Мерјем.“ (Мут-тефекун алејхи) „Ел Итра“ на арапски значи претерување во величање и фалење некого.

Џундуб ибн Абдулах, Аллах нека е задоволен со него, вели, го слушнав Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, пет дена пред неговата смрт, како вели: „Аллах нека ме заштити ако некого друг освен Аллах,Возвишениот, земам за близок пријател. Јас сум Аллахов миленик како што Аллахов миленик беше Ибрахим, алејхи селам. Доколку некого од луѓето ќе го прогласев за мој многу близок пријател тоа ќе беше Ебу Бекр, но мој најблизок (халил) е Аллах. Навистина, народите пред вас гробовите на Божјите пратеници ги претворија во џамии, вие тоа немојте да го правите – јас тоа ви го забранувам.“ (Муслим)

Според ова не е дозволен намазот во џамиите во кои има гроб или повеќе гробови.

Ќерките на Божјиот пратеник - Аллаховиот благослов и мир нека се со него

 

            Раѓањето на женско дете во предисламскиот период се сметаше за несреќен ден во животот на родителите, па дури и во животот на поширокото семејство и племе. А решение беше закопување на живите женски деца поради страв од срам и резилак. Тоа се правеше на навистина страшен начин, грубо и без знак на сомилост и љубов. Ќерката жива се закопуваше и тоа го правеа на монструозни начини. Имало и такви кои дозволуваа ќерката да израсне до шест години, потоа ќе ѝ речел на сопругата : „Облечи ја убаво и намирисај ја, ќе одиме кај нејзиниот бунар“, кој веќе бил ископан во пустината. Кога ќе стигнеле до местото, му велел на несреќното девојче: „Погледни во дупката“ и потоа ќе ја турнел и немилосрдно и сурово ја прекривал со земја. Во една ваква средина беше пратен Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, со оваа величенствена религија, која ја почести жената како мајка, сопруга, ќерка, сестра и тетка. Неговите ќерки ја имаа среќата од прва рака да ја почувствуваат љубовта на нивниот татко. Кога неговата ќерка Фатима ќе влезеше, тој стануваше, ја фаќаше за раце, ја бакнуваше и ѝ го отстапуваше местото да седне. Кога тој ја посетуваше, таа стануваше, го фаќаше за рака, го бакнуваше и му го отстапуваше местото да седне. И покрај неговата љубов кон неговите ќерки и почитта која ја искажуваше кон нив, сепак со трпеливост и надеж во Аллахова награда го прифати разводот на неговите ќерки Уму Кулсум и Рукаја од синовите на Ебу Лехеб кои се викаа Утбе и Утејбе по објавата на ајетот: „Нека пропаднат рацете на Ебу Лехеб, и тој пропадна!“ (Ел Месед, 1)

Не подлегна на притисоците да се откаже од својата мисија иако му се закануваа, па дури и се разведоа од неговите ќерки. Без да се колеба продолжи со својата мисија на повикување во оваа вера. Уште еден пример за убавиот дочек на својата ќерка ни опишува Аиша, радијал-лаху анха, која ни раскажува: „Сопругите на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, беа присутни кога дојде Фатима, радијал-лаху анха, ќерката на Мухамед, алејхи селам, и нејзиниот од не се разликуваше од одот на нејзиниот татко. Кога ја виде ја дочека срдечно велејќи и: „Добредојде ќерко моја“, потоа ѝ понуди да седне од неговата десна или можеби лева страна.“ (Муслим)

Израз на неговата љубов и грижа за ќерките беше и постојаниот надзор на нивната состојба и решавањето на нивните проблеми. Фатима, радијал-лаху анха, ги повредила своите раце додека толчела жито со толчник, па дошла кај нејзиниот татко, кој во тој момент не бил дома. Таа побарала да ѝ се назначи слугинка. Сето тоа Аиша му го пренела на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него. Али, радијал-лаху анху, раскажува: Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, дојде откако веќе бевме во постела, сакавме да станеме а тој ни рече: „Останете каде што сте“, потоа седна помеѓу нас, а студот на неговите нозе го почувствував на моите гради, и ни рече: „Дали сакате да ви кажам за нешто што ви е подобро од слугинка? Кога ќе легнете на постела изговорете триесет и четири пати Аллаху екбер (Аллах е најголем), триесет и три пати Субханал-лах (Славен е Аллах) и триесет и три  пати Елхамдулилах (Благодарноста му припаѓа на Аллах), тоа за вас е подобро од слугинка. (Ел Бухари)

Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, е пример на однесување кој треба да се следи. Тој без очајување и со трпеливост се соочи со смртта на сите свои синови и ќерки (освен Фатима радијал-лаху анха ) додека сѐ уште беше жив. Не тагуваше удирајќи се по лице, кинејќи облека, не организираше вечери и седенки за искажување сочувство. Негови особини беа трпеливоста, задоволството со Аллаховата одредба и очекување на Аллаховата награда. Ни остави во завет прекрасни совети и хадиси кои се мелем за тажните и лек за несреќните, а таков е и хадисот на Божјиот Пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем: „Му припаѓаме на Аллах и кај Аллах сите ќе се вратиме, Аллаху мој, дај ми награда во ова мое искушение, и загубеното надомести ми го со нешто подобро.“ (Муслим)

Овие зборови кои се изговараат при искушение „Му припаѓаме на Аллах и кај Аллах сите ќе се вратиме“ се прибежиште и засолниште на сите оние кои се соочуваат со некоја несреќа. Аллах, Возвишениот, им дава муштулук и им дава голема награда на трпеливите, награда од Дарежливиот и Тој кој на најдобар начин наградува: „Само тие кои што ќе бидат стрпливи ќе бидат без сметка наградени.“ (Ез Зумер, 10)

Односот кон сопругата

 

            Во малата семејна оаза, сопругата е пристаниште на срцето, смиреност и градина за душата, столб на куќата. Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, вели: „Овој свет, сиот е имот, а најдобро нешто што човекот може да го поседува, на овој свет, е добра сопруга.“ (Сахих Џами'ус Сагир)

Пример на добриот морал и убавото однесување беше нагаленото повикување на мајката на правоверните и нејзиното информирање со новости од кои срцето само што не полетало. Аиша, радијал-лаху анха,пренесува дека Божјиот Пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, еден ден ѝ рекол: „Аишичке, тука е Џебраил, алејхи селам, те поздравува со селам.“ (Мут-тефекун алејхи)

Пратеникот на овој Умет човекот со највисок степен на морал и највозвишена позиција, практично ни дава извонредни примери за убавиот соживот, благоста, познавањето на емотивните и душевните потреби на сопругата и за посебниот статус кој го имаат неговите сопруги а кој секоја жена го посакува и го очекува од нејзиниот сопруг. Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, вели: Еднаш, во менструален период, пиев од чаша која потоа му ја подадов на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, кој својата уста ја стави на местото од кое и јас се напив, па почна да пие. Исто така се случуваше да каснам од месо, по што тој повторно каснуваше од истото место. (Муслим)

Нема место за невистините и фалсификатите со кои го обвинуваа лицемерите и необјективните ориенталисти... Тој се трудеше да го пронајде најубавиот и најлесниот начин за брачен соживот. Аиша, Аллах нека е задоволен со него, ни раскажува дека Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, во една прилика бакнал една од своите сопруги и потоа излегол за намаз, без да земе абдест. (Ебу Давуд и Ет Тирмизи)

Во повеќе од една прилика Тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ни ја појаснува високата положба и повластениот статус на жените во исламот. Еве како му одговорил на прашањето на Амр ибн Ас, радијал-лаху анху, поучувајќи го дека еден зрел, здрав и прав маж не треба да се срами од љубовта кон сопругата. Амр ибн Ас, Аллах нека е задоволен со него, вели: „Го прашав Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него: ,Кого од луѓето најмногу го сакаш?‘. ,Аиша‘ одговори Мухамед, алејхи селам.“ (Муттефекун алејхи)

 Секој кој сака да поттикне брачната среќа нека размисли за хадисот на Мајката на правоверните, Аллах нека е задоволен со неа, како кон неа се однесувал Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него. Аиша, радијал-лаху анха, вели: Јас и Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, се бањавме од еден сад. (Ел Бухари)

Пратеникот на овој Умет, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, не пропушташе ниту една можност за да ја израдува својата сопруга и да ја развесели со различни дозволени нешта. Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, повторно ни ја доловува таа ситуација: „Бев на едно од патувањата заедно со Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него. Бев сѐ уште млада и со слаба градба. На луѓето им рече да одат пред нас, а мене ми се обрати велејќи: ,Дојди да се тркаме.‘ Потрчавме и јас победив. По оваа трка молчеше сѐ додека не се здебелив и повторно при едно патување на присутните им рече да одат пред нас, а мене ми рече: ,Дојди да се тркаме.‘, и во оваа трка победи и насмеан ми рече: ,Ова е за тогаш.‘.“ (Ахмед)

Конкретен пример за поигрување и натпреварување, на сопатниците им вели да одат напред за да се натпреварува со својата сопруга, за да ја израдува, потоа повторно се натпреварува и победата ја спомнува како еден вид реванширање за првиот пораз. Секој кој ќе тргне на пат по оваа голема и широка Земја и ќе размисли за состојбата на луѓето, ќе се маѓепса од однесувањето на овој племенит Божји пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, победоносен водач, потомок на племето Курејш и Бену Хашим. По голема победа како војсководец и командант на голема армија се враќа дома, но во исто време тој е и благ и пријатен сопруг, нежен кон своите сопруги, мајките на правоверните. Командувањето на војската, долгиот пат, победата во битка не беа причина да заборави на слабите сопруги кои беа со него и на нивната потреба за благ допир, искрено шепотење и нежност со која ќе го заборават напорот на патот и заморот. Имам Ел Бухари во својата книга го забележал случајот кога по битката на Хајбер, Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, се оженил со Сафија бинт Хујеј, радијал-лаху анха, како со ткаенина одел околу камилата за да ја заштити од погледите на луѓето додека се качувала врз камилата, како го поставувал своето колено за врз него да ја стави својата нога Сафија и полесно да ја јавне камилата. Овој емотивен призор кој зборува за скромноста на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, победоносниот војсководец и Аллахов избраник, со кој ги подучува своите следбеници, дека нема да се наруши твојот статус и положба доколку го подметнеш својот грб и бидеш скромен кон твојата сопруга, доколку ѝ помогнеш и доколку ја израдуваш. Еден совет на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, вели: „Ве советувам со добро кон вашите жени.“ (Муслим)

Многуженството

 

            Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, се ожени со единаесет сопруги, секоја од нив го доби епитетот мајка на правоверните. Почина кога сѐ уште беше во брак со девет сопруги. Со колку голема чест и висока позиција беа почестени тие племенити жени. Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, стапил во брак со постара жена, со вдовица, со разведена и со немоќна, а единствената девица со која се оженил била Аиша, радијал-лаху анха. Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, стапи во брак со повеќе жени и истовремено беше во брак со истите, давајќи конкретен пример за праведност и правичност при распределбата. Од Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, се пренесува дека рекла: „Кога Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, сакаше да тргне на пат, преку ждрепка одредуваше која сопруга ќе му биде сопатник. На секоја сопруга ѝ одреди во кој ден ќе биде кај неа.“ (Ет Тирмизи)

Примери на праведност се спомнати и во зборовите кои се пренесуваат од Енес ибн Малик, радијал-лаху анху: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, имаше девет жени, и откако ќе ги одредеше нивните ноќи не ѝ се враќаше на првата сѐ додека не поминеше (по една ноќ) со сите девет. Тој ги посетуваше во нивните домови, и една ноќ додека беше во домот на Аиша, радијал-лаху анха, Божјиот пратеник,алејхи селам, ја испружи раката и ја допре Зејнеб, радијал-лаху анха, па Аиша му рече: Ја допираш Зејнеб, по што тој ја повлече својата рака.“ Овој голем дом на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, немаше да биде таков без Аллаховата поддршка и инспирација за Мухамед, алејхи селам. Еве како Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, со зборови и дела му искажува благодарност на Аллах, Возвишениот.

Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ги поттикнуваше своите сопруги на покорност кон Аллах, Возвишениот, ги помагаше по тоа прашање спроведувајќи го во дело она кое му го наредил Аллах, Славениот: „Нареди му на семејството свое да го извршува намазот (молитвата) и истрај во тоа! Ние не бараме од тебе снабдување, Ние тебе те снабдуваме! А само тие кои од Аллах ќе стравуваат и кои од гревовите ќе се чуваат ги чека убава завршница.“ (Та Ха, 132)

Аиша, Аллах нека е задоволен со неа,  вели: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, клањаше додека јас спиев испружена врз неговата постела и кога сакаше да клања витр намаз, ме будеше.“ (Мут-тефекун алејхи)

Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, поттикнуваше да се клања ноќниот намаз и сопружниците да се помагаат меѓусебно по тоа прашање, и тоа со убава насока, преку прскање со вода еден со друг сопружник. Ебу Хурејре, Аллах нека е задоволен со него,  вели: Божјиот пратеник, алејхи селам, рекол: „Аллах нека му се смилува на тој маж кој ќе стане навечер, ќе клања и ќе ја разбуди својата сопруга и таа да клања, па ако одбие ќе ја испрска со вода по лицето. Аллах нека ѝ се смилува на таа жена која навечер ќе стане, ќе клања, ќе го разбуди мажот и тој да клања, па ако одбие ќе го испрска со вода по лицето.“ (Мут-тефекун алејхи)

Верникот кој цели кон потполност се придржува кон својата вера, се грижи за својот надворешен изглед кој ја надополнува неговата внатрешна чистота и префинетост. Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, имаше чисто срце, чисто тело и убава миризба, го сакаше мисвакот и наредуваше истиот да се користи. Велеше: „Да знаев дека нема да му отежнам на мојот Умет, ќе им наредев да го користат мисвакот при секој намаз.“ (Ахмед)

Хузејфе, радијал-лаху анху, пренесува дека: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, кога ќе се разбудел, најпрво ги чистел забите со мисвак.“ (Муслим)

Шурејх ибн Хани вели: „Ја прашав Аиша, Аллах нека е задоволен со неа: ,Со што започнуваше Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, при влегување во домот?‘, а таа, радијаллаху анха,  му одговори: ,Со мисвакот.‘“ (Муслим)

Колку убава подготовка е чистотијата пред да се сретнеш со домашните! При влегување во домот, Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, велеше: „Со Аллаховото име влегуваме, со Аллаховото име излегуваме, врз нашиот Господар се потпираме“, па потоа со селам ќе ги поздравеше домашните. (Муслим)

Удостој го твоето семејство кога влегуваш кај нив со чистота и започни го говорот со селам, и немој, брате муслиману, овие работи да ги замениш со критикување, напад и грубо однесување.

Шегувањето на Божјиот пратеник -  Аллаховиот благослов и мир нека се со него

 

            Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, како водач се грижеше за прашањата на неговиот Умет, за неговите војски, првенци, семејството, понекогаш за објавата, а понекогаш за ибадетите. Имаше и други грижи. Се работи за големи должности кои го прават човека неспособен да ги исполни останатите животни должности и да им даде живост на истите. Сепак Божјиот пратеник, алејхи селам, на секого му го овозможуваше правото кое го заслужил, немало непочитување на нечие право на сметка на друг, ниту, пак, интересирање за еден аспект на живеење на сметка на друг. Тој и покрај големиот товар и бројните должности на најмалите им отстапи дел од неговото срце. Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, се играше со малите деца, се шегуваше со нив, се приближуваше до нивните срца, ги исполнуваше нивните души со радост а понекогаш се шегуваше и со возрасните. Ебу Хурејре, Аллах нека е задоволен со него, ни пренесува: „На Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, му беше речено: ,Ти се шегуваш со нас.‘, на што тој одговори: ,Да, но не велам ништо друго освен вистина.‘“ (Ахмед)

За шегувањето на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ни зборува и овој пример кој го пренесува Енес ибн Малик, радијал-лаху анху: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ми рече: 'О ти со два ува.‘“ (Ебу Давуд)

Енес ибн Малик, Аллах нека е задоволен со него, ни раскажува: „Со синот на Уму Сулејм, кој се викал Ебу Умејр, Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, се шегуваше кога го посетуваше. Еден ден го посетил и забележал дека е тажен па го прашал: ,Ебу Умејр, зошто си тажен?‘ Присутните му одговорија дека загинала птичката со која си играл, па тој почна да го довикува (поетичо): ,Ебу Умејр што се случи со птичката.‘“ (Мут-тефекун алејхи)

И со возрасните Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, имал слични ситуации, а за една таква ни зборува Енес ибн Малик, Аллах нека е задоволен со него, кој вели: „Еден Бедуин со име Захир ибн Харам, му беше драг на Божјиот пратеник иако беше грд. Еден ден му се приближи од зад грб, додека тој ја продаваше својата стока и го гушна, а тој во неможност да види за кого се работи, му рекол: ,Пушти ме, кој си ти?‘ Кога се свртел, го видел и го препознал Божјиот пратеник почнал да го прилепува својот грб до градите на Божјиот пратеник. Тогаш Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рекол: ,Кој сака да го купи овој роб?‘ На ова Бедуинот рекол: ,Божји пратенику, евтино ќе ме продадеш‘, а на тоа Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рекол: ,Ти кај Аллах си скап (вреден).‘“ (Ахмед)

Со убав морал, благородни атрибути и племенити својства, таков беше Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се над него. И покрај природноста во однесувањето на Божјиот пратеник, алејхи селам, со семејството и со неговиот народ, сепак неговото смеење имаше граница. Тој најчесто ќе се насмевнел, како што ни раскажува Аиша, радијал-лаху анха: „Не сум го видела Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, гласно да се смее па да му се види горниот дел на усната празнина, тој само се насмевнуваше.“ (Мут-тефекун алејхи)

И покрај насмевките и убавото однесување, Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, знаел и да се намршти кога ќе се направело нешто што не е дозволено. Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, вели: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, се врати од патување, а јас во предниот дел од мојата соба претходно ставив завеса со слики. Кога Божјиот пратеник ја виде ги избриша сликите, а лицето му вцрвени и ми рече: ,Аиша, луѓето кои на Судниот ден ќе имаат најтешка казна се оние кои го имитираат создавањето на Аллах, Возвишениот.‘“ (Мут-тефекун алејхи)

Ова укажува дека е забрането поставување слики на живи битија на видни места во домот. Забраната е уште построга за слики обесени на ѕидовите, за статуи поставени во аглите на собите, врз рафтовите и комодите. Покрај гревот кој следува, со тоа дело го спречуваме влегувањето на мелеците на милоста во тој дом.

Спиењето на Божјиот пратеник - Аллаховиот благослов и мир нека се со него

            Убеј, радијал-лаху анху, пренесува дека Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рекол: „Кога некој од вас сака да легне во постела, со еден дел од неговата облека нека ја истресе постелата и нека каже Бисмил-лах (Во името на Аллах), затоа што не знае што дошло во неговата постела по него. Потоа нека легне на неговата десна страна и нека каже: ,Славен си Аллаху, Господару мој, спомнувајќи Те легнувам и спомнувајќи Те станувам. Ако ми ја земеш душата прости ѝ, а ако ми ја вратиш, чувај ја како што ги чуваш Твоите добри робови.‘“ (Муслим)

Од Неговите совети за муслиманите и муслиманките е и следното: „Пред да легнеш во постела, земи абдест како за намаз, па потоа легни на твојата десна страна.“ (Мут-тефекун алејхи)

Од Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, се пренесува следниов опис: „Секоја ноќ кога легнуваше во постела Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ги спојуваше своите дланки, лесно плукнуваше и во нив ги читаше овие три поглавја од Благородниот Куран, Ел Ихлас, Ел Фелек и Ен Нас, потоа го триеше своето тело, колку што можеше, започнувајќи со главата, лицето и предниот дел на телото. Ова го повторуваше три пати.“ (Ел Бухари)

Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, вели дека Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, при легнување во постела велел: „Благодарноста му припаѓа на Аллах, кој нѐ нахранил, нѐ напоил, нѐ заштитил и ни обезбедил засолниште, а колку има кои немаат заштитник ниту засолниште.“ (Муслим)

Ебу Катаде, радијал-лаху анху, ни раскажува дека Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, кога при патување при крај на ноќта легнувал да спие, легнувал на неговата десна страна. Кога ќе легнел ги спојувал дланките и главата ја ставал врз нив. (Муслим)

Ние, кои имаме многу благодати дадени од Аллах, Возвишениот, да размислиме заедно, брате мој, за постелата на одбраниот меѓу Божјите пратеници, печатот на сите пратеници и најдобриот од сите кои ги создал Аллах, чиишто стапала чекореле врз оваа земја: Аиша, радијал-лаху анха, вели: „Постелата на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, беше од кожа исполнета со палмини лисја.“ (Муслим)

„Една група на негови другари влегоа во неговиот дом, влезе и Омер, радијал-лаху анху. Божјиот пратеник се сврти и Омер не виде никаква ткаенина помеѓу телото на Божјиот пратеник и постелата. Асурата оставила трага врз страничниот дел на телото на Божјиот пратеник. Омер, радијал-лаху анху, почна да плаче, па Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, го праша: „,Омере, зошто плачеш?‘. ,Се колнам во Аллах и знам дека ти си подостоен од кралевите на Персија и Византија, кои со овој свет си поигруваат како што си поигруваат, а тебе те гледам во оваа состојба!‘ Божјиот пратеник, алејхи селам, му рече: ,Зарем не си задоволен нивен да е овој свет а наш да биде оној свет?‘Омер,  радијаллаху анху,  му одговори: ,Секако‘, а Божјиот пратеник му рече: ,Така ќе биде.‘“ (Ахмед)

Ноќниот намаз

            Ноќта ја прекри Медина и темнината се рашири насекаде. Во овие темнини светлото на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, со кое осветлуваше беа намазот, спомнувањето на Аллах, бдеењето за ноќниот намаз, довата упатена на Господарот на земјата и небесата, му се обраќаше на Тој во чии раце се сите работи, извршувајќи ја наредбата на Создателот и Креаторот: „О, ти завиткан! Пробдеј ја ноќта, освен мал дел; половината нејзина или помалку од неа; или малку повеќе од неа, и изговарај го Куранот внимателно.“ (Ел Муземмил, 1-4)

Од Ебу Хурејре, радијал-лаху анху, се пренесува дека рекол: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, клањал сѐ до отекување на нозете. Му рекле: ,Божји пратенику, зошто го правиш ова кога и минатите и идните гревови ти се простени?‘ Одговорил: ,Зарем да бидам неблагодарен роб!‘“ (Ибн Маџе)

Ел Есвед ибн Језид, пренесува: „Ја прашав Аиша, радијал-лаху анха, за ноќниот намаз на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, а таа ми одговори: ,На почетокот на ноќта спиел, па клањал и потоа кога имал потреба имал полов однос со сопругата, кога ќе го слушнел езанот (за сабах) бргу станувал и доколку бил џунуб се капел, а кога не бил земал абдест и излегувал во џамија.‘“ (Ел Бухари)

Ноќниот намаз на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, предизвикува восхит и нѐ поттикнува да размислуваме за неговата должина и да го земеме за модел и пример. Ебу Абдулах, Хузејфе ибн Јеман, Аллах нека е задоволен со него, ни раскажува: „Клањав со Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ноќен намаз и почна да чита од поглавјето Ел Бекара. Реков ќе запре кај стотиот ајет, но тој продолжи. Си помислив можеби ќе го заврши рекатот со ова поглавје, но тој почна да чита од поглавјето Али Имран. Реков по ова поглавје ќе се поклони на руку, но тој почна да чита и од поглавјето Ен Ниса. Читаше јасно, кога ќе прочиташе ајет во кој се спомнува славењето на Аллах, Возвишениот, го славеше Аллах, кога читаше ајет во кое се спомнува некое барање, го бараше тоа од Аллах и ако наидеше на ајет во кој се бара заштита истата ја бараше од Аллах, Славениот. Потоа се поклони на руку велејќи: ,Славен е мојот Господар, Големиот‘ и тоа руку траеше колку стоењето (кијамот) пред руку, потоа велеше: ,Аллах го слуша тој кој го слави, Господару наш Тебе сме ти благодарни‘ и стоеше исправен долго колку што беше на руку, потоа паѓаше ничкум и велеше: ,Славен е мојот Господар, Возвишениот‘ и на сеџда остануваше колку на кијам.“ (Муслим)

По утринскиот (сабах) намаз

            По тивката мединска ноќ, со зората доаѓа и завршува заедничкиот намаз со џемат во џамија. По намазот Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, остануваше во џамијата и сѐ до изгревањето на сонцето го спомнуваше Аллах, Возвишениот, па потоа клањаше два реката.

Џабир ибн Семуре, радијал-лаху анху, вели: „По сабах-намазот Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, седеше на местото каде што клањал сѐ додека сонцето добро не изгрее.“ (Муслим)

Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, нѐ поттикнува да го извршуваме овој голем сунет, спомнувајќи ја неговата награда и себап.

Од Енес ибн Малик, Аллах нека е задоволен со него, се пренесува дека Аллаховиот пратеник, алејхи салату вес-селам, рекол: „Тој што по клањањето на сабах-намазот во џемат, ќе седне и ќе го спомнува Аллах до изгревање на сонцето и потоа ќе клања два реката има награда колку за аџилак и умра, потполна, потполна, потполна.“ (Ет Тирмизи)

Намазот духа

 

            Помина првата половина од денот и врелото сонце ја покажа својата сила. Топлината само што не почнала да ги гори лицата. Овој дел од денот се вика духа, време за работа и за извршување на должностите. И покрај големиот товар на самата мисија на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, среќавањето со делегациите, подучувањето на асхабите, семејните должности, тој имаше време за обожување на Аллах.

Муазе вели: „Ја прашав Аиша, радијаллаху анха: ,Дали Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, клањаше духа-намаз?‘ Таа одговори: ,Да, клањаше четири рекати а понекогаш повеќе, колку што Аллах ќе одреди.‘“ (Муслим)

Овој намаз Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ни го остави во завет. Ебу Хурејре, Аллах нека е задоволен со него, вели: „Мојот близок пријател, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ми остави во завет три работи: да постам три дена секој месец, два реката духа-намаз и да клањам витр-намаз пред спиење.“ (Мут-тефекун алејхи)

 

 

Доброволните намази во домот

 

            Овој дом живее со иман,  преполнет е со ибадети и спомнување (зикр) на Аллах, Возвишениот, ваков дом во завет ни оставил Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, велејќи: „Клањајте некои од намазите и во вашите домови, и немојте да ги претворате во гробишта.“ (Ел Бухари)

Имамот Ибн Кајим, Аллах нека му се смилува, вели: Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, повеќето сунети и доброволни намази кои немале посебна причина ги клањал во својот дом. Ова посебно се однесува на сунетот на акшамскиот намаз за кој нема ниту едно предание дека го клањал во џамија. Клањањето во домот е корисно поради многу причини како што се: следење на сунетот на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, подучувањето на жените и децата за формата на намазот, оддалечување на шејтаните од домот поради спомнувањето на Бога и читањето Куран. Со намазот дома сме поблиску до искреноста а подалеку од лажното претставување (симулација).

Плачот на Божјиот пратеник - Аллаховиот благослов и мир нека се со него

 

Многу мажи и жени плачат, но прашањето кое се поставува е како и зошто се плаче?! Нашиот Божји пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, плачел иако можел, доколку сакал, да го поседува сиот свет, рајот му бил даден и неговата награда била највисокиот степен во рајот.

Да,  Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, плачел како што плачат побожните, плачел додека во намаз му се обраќал на Аллах со дова, кога слушал како се чита Куран и тој плач бил израз на благоста и добрината на срцето на Божјиот пратеник. Тоа ни кажува дека ја спознал големината на Господарот, за богобојазливоста која ја имал.

Мутариф, синот на Абдулах ибн Шихир, од својот татко пренесува: „Дојдов кај Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, клањаше а од неговите гради (затоа што плачеше) се слушаше ѕунење како што ѕуни котелот (кој врие).“ (Ебу Давуд)

Абдулах ибн Месуд, радијал-лаху анху, ни го пренесе овој хадис: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ми рече: ,Читај Куран‘ Реков: ,Божји пратенику, да читам пред тебе, а тебе ти се објавува?‘ Тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ми рече: ,Сакам да го слушам од друг.‘ Почнав да читам од поглавјето ,Ен Ниса‘ и кога стигнав до ајетот: ,А што ќе биде, кога од секој народ ќе доведеме сведок, а тебе ќе те доведеме како сведок против овие народи?‘ (Ен Ниса, 41). Видов како солзат неговите очи.“ (Ел Бухари)

Размисли за белите влакна во разделокот на косата и за осумнаесетте бели влакна во брадата на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, послушај со срце како со својот јазик зборува за причината на овие седи влакна. Ебу Бекр, радијал-лаху анху, раскажува, „На Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, му реков: ,Побелее (твојата коса и брада) Божји пратенику!‘ Тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рече: ,Ме побелеа поглавјата Худ, Ел Вакиа, Ел Мурселат, Ен Небе и Ет Теквир.‘“ (Ет Тирмизи)

 

 

Скромноста на Божјиот пратеник - Аллаховиот благослов и мир нека се со него

 

Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, се одликувал со најдобар морал и бил најпотполн од аспект на однесувањето. Куранот e неговиот морал, како што вели Аиша, Аллах нека е задоволен со неа: „Неговиот морал беше Куранот.“ (Муслим), а самиот тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рекол: „Пратен сум да ги надополнам моралните одлики.“ (Ахмед)

Неговата, скромност се отсликуваше во фактот дека тој не сакаше да биде фален, да се слави и да се возвишува.

Омер ибн Ел Хатаб, Аллах нека е задоволен со него, пренесува дека Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рекол: „Немојте да ме возвишувате како што христијаните претерале во возвишувањето на Иса синот Мејремин, алејхи селам. Навистина јас сум само роб па кажете: ,Аллахов роб и Негов пратеник.‘“ (Ебу Давуд)

Енес, радијал-лаху анху, раскажува: „Група на луѓе рекоа: ,О, Божји пратенику, најдобриот меѓу нас и синот на најдобриот меѓу нас, одбраниот меѓу нас и синот на одбраниот меѓу нас‘, а Тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рече: ,Луѓе, говорете со вашите зборови, но немојте да ве одведе во заблуда шејтанот, јас сум Мухамед, Аллахов роб и Негов пратеник. Немојте да ме издигнувате на место повисоко од тоа на кое ме поставил Аллах, Славениот.‘“ (Ен Несаи) П

Постои категорија на луѓе кои го возвишуваат Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, над неговата положба. Тие веруваат дека тој го знае невидливото, дека има моќ да нанесе штета и да помогне, дека е во можност да ги исполни потребите на луѓето и да лекува болни. Аллах, нашиот Господар го негира ова и вели: „Кажи: ,Јас не можам ни себеси некаква корист да си сторам, ниту од себе некаква штета да тргнам; се случува така како што сака Аллах. А да го познавав невидливото, ќе стекнев многу добра, а злото ќе беше далеку од мене.‘“ (Ел Араф, 188)

Овој Божји пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, е најдобриот што некогаш чекорел по земјата и над кого се надвиснало небото, постојан во понизноста и покорноста кон Аллах, Возвишениот, не ја сакал надменоста и вообразеноста – првенецот на скромните и избраникот на понизните пред Бога.

Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, раскажува: „Никого не го сакаа повеќе од Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, но сепак кога ќе го видеа, не му стануваа, затоа што знаеја дека тој тоа не го сака (одобрува).“ (Ахмед)

Погледни како Пратеникот на овој Умет покажува пример на прекрасна скромност и редок морал на однесување со оваа сиромашна жена на која ѝ издвојува дел од неговото скапоцено време исполнето со должности.

Енес ибн Малик, Аллах нека е задоволен со него, раскажува: „Една жена дошла кај Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, и му рекла дека има потреба од него. Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ѝ одговорил: ,Седни каде и во која улица во Медина сакаш и јас ќе седнам со тебе.‘“ (Ебу Давуд)

Возвишен со морал на племенитите - на највисоките скалила се издигна ти,

твоето присуство како прекрасен мошус е - ги исполнува сокаците и домовите бројни,

тој е симболот на скромните и е нивен избраник.

Ебу Хурејре, Аллах нека е задоволен со него,, пренесува дека Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рекол: „И кога би ме повикале на оброк зготвен од потколеници (делови со малку или без месо) би ја прифатил поканата и кога истите би ми биле подарени би ги прифатил.“ (Ел Бухари)

Пречка и одбив на надменоста на вообразените во секое време е овој хадис на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него.

Абдуллах ибн Месуд, радијал-лаху анху, пренесува дека Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рекол: „Нема да влезе во рајот тој што во своето срце има вообразеност макар и колку зрно на синап.“ (Муслим)

Вообразеноста е пат кон огнот, Аллах нека ни е на помош, па дури и кога е мала како зрно на синап. Размисли за оваа казна на надмените кои се перчат додека одат, како со тој од ја предизвикаа лутината на Аллах,  и Неговата болна казна.

Ебу Хурејре, радијал-лаху анху, пренесува дека Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рекол: „Додека еден човек одел во состојба на вообразеност, со исчешлани коси и наперчен од, земјата го голтнала и во неа ќе се прпела сѐ до Судниот ден.“ (Мут-тефекун алејхи)

 

 

Слугите на Божјиот пратеник -  Аллаховиот благослов и мир нека се со него

            Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, го издигнал на немоќниот и сиромашен слуга на позиција која му доликува, вреднувајќи го според верата и побожноста, а не според работата и неговата слабост.

Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, за слугите и најмените работници рекол: „Тие се ваши браќа, Аллах ги ставил под ваше управување, хранете ги со она штого јадете, облечете ги со она што го облекувате, не им наредувајте нешто што ги надминува нивните можности, а ако тоа го направите тогаш помогнете им.“ (Муслим)

Размисли за зборовите на овој слуга кој за својот господар дава прекрасно сведоштво и пофални зборови со прекрасна арома. Дали си слушнал за слуга кој го фали својот господар како што тоа го прави овој слуга на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него.

Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, вели: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, го служев десет години. Ниту еднаш не ми рече ,Оф, зошто ова го направи или зошто ова не го направи.‘“ (Муслим)

Цели десет години а не денови или месеци, овој долг период на среќа и несреќа, на тага и радост, на различни душевни состојби, состојби на богатство и немаштија, а тој би ги жртвувал  родителите за него! Не го критикувал, ниту му наредувал, напротив го наградувал, го расположувал, ги исполнувал неговите потреби и потребите на неговото семејство, се молел за нив.

Енес, Аллах нека е задоволен со него, раскажува: „Мојата мајка му рече на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него,: ,Помоли му се на Аллах со дова за твојот слуга.‘, а Тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рече: ,Аллаху, намножи го неговиот имот и деца и дај му бериќет во она кое Ти му го даваш.‘“ (Ел Бухари)

Со сета Негова, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, храброст, никогаш не понизил, ниту удрил, ниту, пак, бил груб кон послабите, сопругите и слугите кои му беа подредени.

Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, вели: „Божјиот пратеник никого со рака не удрил освен кога бил во битка на Аллаховиот пат, ниту, пак, удрил слуга или жена.“ (Муслим)

Мајката на правоверните, радијал-лаху анха, го потврдува ова сведоштво за најдобриот на човечкиот род и за избраникот на сето човештво, за племенитите особини и доброто однесување за кое слушнале многумина и кое го потврдиле и неверниците од племето Курејш.

Таа, радијал-лаху анха, вели: „Никогаш Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, не се одмаздуваше за неправда која му е направена освен кога ќе се погазеа Аллаховите прописи. Кога некој ќе ги погазеше Аллаховите прописи, тој жестоко се лутеше. Кога ќе му беше овозможено да бира помеѓу две работи, тој ја избираше полесната доколку немаше во тоа грев.“ (Ел Бухари)

Советуваше со благост и да не се избрзува. Аллаховиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, вака говореше: „Аллах, Возвишениот, навистина е Благ и ја сака благоста во секоја работа.“ (Мут-тефекун алејхи)

 

 

Подарокот и гостинот

 

Човечкиот живот има емотивни и душевни потреби кои се неопходни во општеството, семејството и домот. Подарокот влијае да се приближат срцата и да се стопат предрасудите.

Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, ни раскажува: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, примаше подароци и возвраќаше на истите.“ (Ел Бухари)

Ова подарување и благодарност зборуваат за племенитоста на душата и за широкоградоста. Племенита особина и традиција на Божјите пратеници за која Аллаховиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него,дал  најдобар практичен пример и во која предничел.

Па Тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, самиот ги изговорил овие зборови: „Тој што верува во Аллах и во Судниот ден нека го почести гостинот, кому му следува почест за едно деноноќие, гостопримливоста е три дена, а сѐ над три дена е милостина. На гостинот не му е дозволено да престојува повеќе од три дена за да не го стави во незгодна ситуација домаќинот.“ (Ел Бухари)

Се колнам во Аллах, оваа земја не видела, не видел ни Хиџаз, ниту, пак, Арапскиот полуостров, светлината на денот, ниту, пак, темнината на ноќта, не виделе по племенит морал и поголема великодушност од таа на Пратеникот, Аллаховиот благослов и мир нека се со него.

Ти што ја читаш оваа книга, да слушнеме за уште едно сведоштво за овој Божји пратеник, кој заслужува за него да ги жртвуваме, па дури и нашите родители.

Сехл ибн Сад, Аллах нека е задоволен со него, раскажува: „Една жена извезе наметка за Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, и му ја подари велејќи: ,Ја извезов со моиве раци за да ја облечеш.‘ Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него,имаше потреба од наметка и ја прими. Еден ден излезе пред нас облечен во таа наметка и еден од присутните му рече: ,Дај ми ја (твојата наметка) многу е убава.‘ Тој се согласи и по собирот ја здипли и му ја испрати. Луѓето на човекот (кој ја зема наметката) му рекоа: ,Не е добро тоа кое го стори, оти Божјиот пратеник ја облече и имаше потреба од истата, му ја побара а знаеше дека тој не го одбива тој што бара.‘ Човекот рече: ,Се колнам во Аллах, не ја побарав да ми биде облека на овој свет, ја побарав да ми биде ќефин.‘ Сад вели: ,И, навистина, во таа наметка го закопаа.“ (Ел Бухари)

Не чуди се со моралните особини на оној кого Аллах, Возвишениот, го одбрал, кого го воспитал и кого го поставил како пример за следење. Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, е најубавиот пример за дарежливост и племенитост.

Хаким ибн Хизам, радијал-лаху анху, вели: Побарав од Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, и тој ми даде, потоа повторно побарав и тој ми даде, па по трет пат побарав и тој ми даде. Тогаш ми рече: „Хаким овој имот е убав деликатес, кој ќе го земе со широкоградост, Аллах ќе му даде бериќет, а кој ќе го земе со себичност, нема да му се даде бериќет и ќе биде како тој што јаде а не може да се засити. Горната рака (таа што дава) е подобра од долната (таа што бара).“ (Мут-тефекун алејхи)

Вистината ја рекол поетот:

Потполна е неговата покорност и високи се неговите амбиции - Возвишен е и над сите, неспоредлив со други

Со светлината која ја донесе се осветли патот на човештвото - Го разубави и воздигна човечкиот и видот џини

Сето богатство го најдов во него единствениот - И сето човештво го пронајдов во човек

Џабир, Аллах нека е задоволен со него, опишувајќи го вели: „За ништо што му било побарано Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, не рекол ,Не.‘“ (Ел Бухари)

Оваа дарежливост и издашност укажува на добродушност, пожртвуваност, добар соживот, искрена љубов и великодушност, особини кои нема да ги најдете кај некој друг. Му се насменуваше на секој што ќе седнеше до него, така што луѓето помислуваа дека се работи за некој негов многу драг другар.

Џерир ибн Абдулах, радијал-лаху анху, вели: „Од времето кога станав муслиман секогаш кога ќе се сретнев или кога ќе ме видеше Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ми се насмевнуваше.“ (Ел Бухари)

Описот на еден негов современик е доволна поука. Абдулах ибн Харис вели: „Не сум видел човек кој повеќе се насмевнуваше од Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него.“ (Ет Тирмизи)

Нема место за твоето чудење кога тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, самиот рекол: „Насмевката на твоето лице, кон твојот брат, е милостина.“ (Ет Тирмизи)

Слугата на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, го опишува Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, со својства кои тешко може да се најдат кај еден човек или група на луѓе. „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, беше најблаг и кога некој ќе го прашал се приближувал до него и не се оддалечувал сѐ додека не се оддалечил тој што прашува. Никогаш не ја одбил подадената рака и секогаш неговиот соговорник бил тој што прв ја повлекувал раката, а не Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него.“ (Ебу Нуајм во Ед Делаил)

Со сета негова благост, сомилост, великодушност кон неговиот Умет, го негираше и не го прифаќаше лошото дело.

Ибн Абас, Аллах нека е задоволен со обајцата, ни раскажува: Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, виде златен прстен на раката на еден човек, му го тргна, го фрли и рече: „Некои намерно земаат жар од огнот и го ставаат на своите раце.“ (Муслим)

Сомилоста кон децата

 

            Тие со грубо срце не ја познаваат сомилоста и во нивните гради нема место за емоции. Тие се како тврд камен, нечувствителни кога даваат и земаат, скржави се, па дури и со најмалите човечки чувства и емоции. Кому Семоќниот Аллах ќе му даде срце кое е суптилно, нежно и со силен набој на благост, таквиот има примерно и нежно срце прекриено со сомилост и придвижувано со чувства.

Енес, радијал-лаху анху, раскажува: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, го земал во раце својот син Ибрахим, го бакнал и го помирисал.“ (Ел Бухари)

Оваа сомилост не беше посебна за неговите блиски, таа беше општа кон сите муслимански деца.

Есма бинт Умејс, радијал-лаху анха, сопругата на Џафер, радијал-лаху анху, ни раскажува: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, влезе во мојот дом ги повика децата на Џафер, ги помириса а очите му се насолзија. Реков: ,Божји пратенику, да немаш некоја вест за Џафер?‘ Тој одговори: ,Да, тој денеска е убиен.‘ Почнавме да плачеме, а Тој се врати и рече: ,Подгответе храна за семејството на Џафер, им се случи нешто што ги преокупира.‘“ (Ибн Сад, Ет Тирмизи и Ибн Маџе)

„Сад ибн Убаде, радијал-лаху анху, кога ги виде насолзените очи на Божјиот пратеник, алејхи селам, поради нивната смрт праша: ,Божји пратенику, што е ова?‘ А тој му одговори: ,Ова е сомилоста која Аллах, Возвишениот, ја сместил во срцата на Неговите робови, Аллах ќе им се смилува на Неговите сомилосни робови.‘“ (Ел Бухари)

Кога очите на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, се насолзија поради смртта на неговиот син Ибрахим, Абдурахман ибн Ауф, Аллах нека е задоволен со него, го праша: „Зар и ти, Божји пратенику, (плачеш)?‘, а тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, му одговори: ,Сине на Ауф, овие солзи се сомилост.‘, и му потече уште една солза. Исто така кажа: ,Очите се насолзени, срцето е тажно, но не велиме ништо со кое не е задоволен нашиот Господар. Навистина сме тажни поради разделбата од тебе, Ибрахим.‘“ (Ел Бухари)

Овој величествен морал на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, поттикнува да ги следиме неговите стапки, затоа што живееме во време кога чувството на љубов и соодветното однесување кон помалите е загубено. Тие се татковците на иднината, мажите на овој Умет и долгоочекуваната зора. Нашето незнаење и вообразеност, неразмислувањето и кратковидоста достигнаа степен со кој го запоставивме клучот на затворените срца на децата и генерациите кои растат.

Божјиот пратеник,  Аллаховиот благослов и мир нека се со него,  пак, го користел овој клуч со своите раце и јазик, се однесувал на начин кој бил причина децата да го засакаат и да се чувствуваат почитувани. Тој дури и децата во развој  ги поставувал на високи позиции.

Енес, Аллах нека е задоволен со него, ги поздравуваше со селам децата со кои се сретнуваше и велеше: „Ова го правеше и Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него.“ (Мут-тефекун алејхи)

Иако децата со своите движења знаат да бидат заморни и напорни, Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, никогаш не им се лутеше, не ги прекоруваше ниту ги оддалечуваше. Неговите морални водилки беа благоста и смиреноста.

Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, вели: „Луѓето ги носеа своите деца кај Божјиот пратеник, Аллах нека е задоволен со него, за кои тој чинеше дова. Еднаш донесоа дете се измоча во скутот на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, а тој врз тоа место само истури вода и не ја испра својата облека.“ (Ел Бухари)

Зарем не си помислил, почитуван читателу, ти кој си почестен со посета на домот на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, да си поиграш со малите, да се пошегуваш со твоите деца, да ја слушаш нивната смеа и убави зборови? Ова го правеше нашиот Пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, кого го сакам повеќе па дури и од моите родители.

Ебу Хурејре, Аллах нека е задоволен со него, раскажува: „Божјиот пратеник, Аллах нека е задоволен со него, му го плазеше јазикот на Хасан ибн Али, радијал-лаху анху, и кога детенцето ќе го видеше црвенилото на јазикот си поигруваше со него.“ (Ес Силсиле Ес Сахиха бр. 70)

Енес ибн Малик, радијал-лаху анху, вели: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, си играше со Зејнеб, ќерката на Уму Селеме, и многупати нагалено ја повикуваше Зувејниб (деминутив од Зејнеб).“ (Ес Силсиле Ес Сахиха бр. 2141 и Сахихул Џами' бр. 5025)

Бил милостив кон децата и додека вршел голем ибадет, додека клањал во раце ја носел внуката Умама, ќерката на Зејнеб, поточно ќерката на Ебул Ас ибн Реби'. Кога стоел ја држел во раце а на сеџде ја оставал на земја покрај себе.

Махмуд ибн Ер Реби', радијал-лаху анху, вели: „Помнам како Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ме испрска со вода по лицето од кожната мешина од бунарот во нашата куќа. Тогаш имав пет години.“ (Ел Бухари и Муслим)

Ги подучуваше и децата и возрасните како што ни пренесува Ибн Абас, радијал-лаху анхума, кој вели: Еден ден јавав заедно со Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, а тој ми рече: „Момче, научи ги овие зборови, чувај го Аллах и Тој ќе те чува. Чувај го Аллах, а Тој ќе биде секогаш со тебе. Кога бараш нешто барај од Аллах, а кога бараш помош барај ја од Аллах.“ (Ет Тирмизи)

По овие кратки моменти со доблестите на достојникот и неговата прекрасна биографија, дојдено е времето да ги оживееме нашите срца и да зачекориме по неговите стапки на нашиот животен пат. Во нашите куќи цветаат деца на кои им е потребна грижата на таткото и емоциите на мајката. Тие имаат потреба да бидат израдувани и да пораснат со здрави емоции и морални особини. Луѓе водачи на Уметот, едуцирани од мажи и жени кои позитивно влијаеле врз нив, со Аллахова помош и поддршка.

Мудроста, благоста и трпеливоста

 

            Грубоста, насилството и неправдата се особини на насилниците и неправедните. Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, постави цврсти темели на правда и солидарност за секого кому му следува некое право сѐ до неговото реализирање. Наредувањето и забранувањето кои од Бога како право му беа дадени на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ги користеше да наредува добро, да забранува лошо и да постигне корисно. Во неговиот дом нема страв од неправда, насилство, напад или удирање.

Аиша, радијал-лаху анха, вели: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, никого не удрил со својата рака, ниту жена, ниту слуга освен кога војувал на Аллаховиот пат. Кога му била нанесувана неправда не се одмаздувал, освен кога некој ќе ги погазел Аллаховите забрани, тогаш ја спроведувал пропишаната казна.“ (Ахмед)

Енес ибн Малик, Аллах нека е задоволен со него, ни раскажува: „Пешачев со Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, кој носеше наметка од Неџран со груби краеви. Му се приближи  бедуин и силно ја повлече неговата наметка и на вратот на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, видов траги кои ги оставија грубите краеви кога силно беа повлечени. Бедуинот рече: ,Мухамед, дај ми од она што го поседуваш.‘ Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, се насмеа и нареди да му се даде.“

Кога Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, се врати од битката кај Хунејн беше потиснат од бедуините кон едно дрво и му беше земена наметката додека тој јаваше на камила. Тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рече: „Вратете ми ја наметката, зарем се плашите дека ќе бидам скржав? Се колнам во Аллах, кога би имал толку камили колкав е бројот на овие трнливи дрва ќе ви ги поделев. Тогаш ќе увидевте дека не сум скржав, ниту плашлив ниту дека лажам.“ (Ел Бегави во Шерх Сунне. Албани го оценува како веродостоен)

Ова е еден од најсветлите примери на едукација и подучување со добро: благост во секоја ситуација, познавање на општите интереси и спречување на сите штети. Асхабите почувствуваа лутина кога видоа човек како греши и работи нешто погрешно, затоа побрзаа, со право, да го критикуваат. Но мудриот и благиот, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ги спречил затоа што тој правел грев не знаејќи (дека прави грев) но и за да ги спречи негативните последици. Однесувањето на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, во овој случај беше попрактично.

Ебу Хурејре, Аллах нека е задоволен со него, раскажува: „Еден бедуин уринирал во џамија и присутните станале да го нападнат. Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, им рекол: ,Оставете го да заврши и истурете одредена количина или кофа вода врз тоа место. Пратени сте да олеснувате а не да отежнувате.‘“ (Ел Бухари)

Трпеливоста на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, во текот на неговата мисија е мотивација да ги следиме неговите стапки, да не мислиме само на личните интереси.

Аиша, радијал-лаху анха, ни раскажува за денот кога го прашала Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него: „Дали си доживеал ден потежок од денот на битката кај Ухуд?“

Неговиот одговор бил: „Што сѐ не доживеав од твојот народ, но најтешко ми беше на денот Акабе, кога побарав заштита од Ибн Абд Јалејл ибн Абд Килал и тој не прифати. Тогаш загрижен тргнав каде ме водеа нозете и не се освестив сѐ додека не видов дека сум во местото Карну Сеалиб, ја подигнав главата и видов облак кој ми правеше сенка и во него го видов Џибрил кој ме повика и ми рече: ,Твојот Господар го слушна она што го рекоа луѓето и како ти одговорија. Тогаш го прати ангелот на планините за да му наредиш што сакаш.‘ Тогаш ме повика мелекот на планините и рече: ,Пратен сум од Аллах да ги извршам твоите наредби па ако сакаш ќе ги струполам врз нив двете големи планини.‘ Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, одговорил: ,Не, се надевам дека од нив ќе се појави народ кој ќе го обожува само Аллах и никого нема да го смета за рамен со Него.‘“ (Мут-тефекун алејхи)

Денеска има и такви кои при повикување на другите избрзуваат и сакаат бргу да ги пожнеат резултатите на нивниот труд. Секој личен интерес ѝ штети на мисијата на повикување и на искреноста.

Многу мисии на повикување пропаднаа поради распространетоста на интересот кај носителите на мисиите. Каде е трпеливоста и соочувањето со тешкотиите.

По многу години се исполни она кое го очекуваше Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, по потешкотии, трпеливост и долг труд.

Па има ли некој кој е над најдобриот што по земја чекорел

По земјата полна со дворци високи

Секој великодостојник покрај него е понизен

и секој надмен од двата града крај него недостоен е.

Ибн Месуд, радијал-лаху анху, пренесува: Како сега да го гледам Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, додека ни раскажува за еден од Божјите пратеници кого го нападнал и го раскрвавил неговиот народ, а тој бришејќи ја крвта од лицето вели: „Боже прости му на народот мој, тие навистина не знаат.(Мут-тефекун алејхи)

Еден друг ден додека Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, бил на погреб заедно со неговите асхаби, му пришол еден Евреин кој се викал Зејд ибн Са'нех, го грабнал за неговата кошула и наметка, го погледнал грубо и барајќи го својот долг му рекол: „,Мухамед, зарем нема да ми го вратиш моето право?‘ Потоа почнал да зборува навредливо. Омер ибн Хатаб, Аллах нека е задоволен со него, се налути, го погледна во лице Зејд а очите му се вртеа во круг како во орбита. Тогаш му рече: ,Аллахов непријателу, зарем на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, му го велиш она што го слушам?! Се колнам во Оној кој го пратил со вистината да не се плашев од неговиот прекор, со меч ќе ти ја отсечев главата.‘ Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, смирено и спокојно го погледал Омер, радијал-лаху анху, и му рекол: ,Омер, и јас и овој имаме потреба од други зборови. Требаше да ме посоветуваш да го вратам долгот на убав начин а него да бара на убав начин. Омер оди и врати му го долгот и додај му и дваесет са'а урми.‘ (Са' – количинска мерка, четири грста). Кога Евреинот Зејд ги видел урмите кои му ги додал Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рекол: ,Омер! Каков е овој додаток.‘ Омер, радијал-лаху анху, му одговорил: ,Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ми нареди да ти додадам затоа што беше намќор.‘ Зејд повторно го прашал: ,Омер дали ме познаваш?‘ ,Не те познавам. А кој си ти?‘, прашал Омер, радијал-лаху анху. ,Јас сум Зејд ибн Са'не‘, одговорил Евреинот. ,Свештеникот?‘, прашал Омер, радијал-лаху анху. ,Да‘, одговорил Евреинот. ,Тогаш зошто го направи и го кажа она кое го видовме со Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него?‘, праша Омер. Зејд му одговори: ,Сите знаци дека е Божји пратеник ги видов на лицето на Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, освен знаците дека мудроста негова е побрза од незнаењето и дека грубоста кон него само ја зголемува неговата благост, па сакав да го ставам на искушение. Пред тебе Омер, сведочам дека сум задоволен со Аллах како Господар, со исламот како вера и со Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, како Божји пратеник и биди мој сведок дека половината од она што го поседувам е милостина за Уметот на Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него.‘ ,Нека биде за некои луѓе од Уметот на Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, бидејќи нема да биде доволно за сите.‘, го посоветува Омер. ,Тогаш нека биде милостина за некого од Уметот на Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него.‘, потврди Зејд. Тогаш Евреинот Зејд дојде кај Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, и рече: ,Сведочам дека нема друг Бог освен Аллах и сведочам дека Мухамед е Негов роб и пратеник, верувам во него и ја потврдувам неговата вистинитост.‘“ (Несаи и истиот го оценува како автентичен)

Размислувајќи за оваа случка, за нејзинот крај и долгиот дијалог, должни сме да го следиме нашиот пример Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, на патот на повикување на луѓето со трпение, благост и разум.  Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ги охрабрувал тие кои ќе сторат добро и го ширел духот на оптимизмот кај следбениците.

Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, ни пренесува дека била на Умра со Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, и по патот од Медина до Мека, на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, му рекла: „,Божји пратенику, ти си ми подраг дури и од моите родители. На ова патување понекогаш ги кратев а понекогаш целосно ги клањав намазите, некогаш постев но понекогаш не постев.‘ Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ѝ одговорил: ,Добро си направила Аиша.‘, и не ја прекорил.“ (Несаи)

Како се хранеше Божјиот пратеник - Аллаховиот благослов и мир нека се со него

 

            Богатите трпези и софри наизменично се менуваат во домовите на великодостојниците и на оние кои имаат положба во општеството. Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него,  доставувачот на Божјата објава до сите луѓе, владетелот на бројни земји и народи, оној на кого му доаѓале камили натоварени со различни видови храна, пред него се истоварало злато и сребро – што мислиш со што се хранел и што пиел!? Дали живеел како што живеат кралевите или подобро и повисоко? Дали се хранел како што се хранат богатите и имотните или подобро и пообилно?

Немој да се зачудиш додека внимателно читаш  за немаштијата и аскетизмот поврзани со исхраната на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, спомнати во хадисот кој ни го пренесува Енес, радијал-лаху анху: „Не се случило Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, за ручек и за вечера да јаде месо и леб освен во присуство на други.“ (Ет Тирмизи)

Зборот ضفف - дафеф значи малку храна а многу присутни на софрата.

Ова значи дека не се најадувал освен со тешкотии и мака или дека се најадувал само тогаш кога го посетувале гости. Тогаш се заситувал затоа што таквото однесување отсликувало дружељубивост и почитување.

Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, вели: „Никогаш два дена по ред, со леб од јачмен, не се заситило семејството на Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, и така било сѐ до смртта на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него.“ (Муслим)

Во друго предание се вели: „Семејството на Мухамед, од доаѓањето во Медина, никогаш три ноќи по ред не се нахраниле до ситост со храна од жито, сѐ до смртта на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него.“ (Мут-тефекун алејхи)

Се случувало Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, да заспие гладен кога не наоѓал храна.

Ибн Абас, радијал-лаху анхума, ни ја прераскажува оваа ситуација: „Божјиот пратеник и неговото семејство, неколку ноќи по ред заспиваа гладни без вечера а најчесто јадеа леб од јачмен.“

Не се работеше за немаштија и оскудица, па Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, понекогаш управуваше со голем имот и му доаѓаа камили натоварени со разни стоки. Аллах, Возвишениот, за својот роб го избра тоа што е подобро и посоодветно за него. (Ет Тирмизи)

Укбе ибн Харис, Аллах нека е задоволен со него, ни раскажува: „Со Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, го клањавме икиндискиот намаз, по кој тој бргу излезе од џамијата, влезе во својата куќа и бргу излезе. Ни рече: ,Во домот имав злато дадено како милостина и не сакав да преспијам со тоа злато во мојот дом, па затоа го поделив.‘“ (Муслим)

Оваа зачудувачка дарежливост и великодушност каква нема да сретнеме е одлика на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, на овој Умет.

Енес, Аллах нека е задоволен со него, вели: „Сѐ што, заради исламот, ќе му се побараше, Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, го даваше. Еднаш на еден човек му даде стадо овци кое беше помеѓу две планини, а тој се врати кај својот народ и му рече: ,Народу мој, примете го исламот, затоа што Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, е дарежлив како што е дарежлив тој што не се плаши од сиромаштија.‘“ (Муслим)

И покрај оваа дарежливост и благородност да видиме каква состојба ни опишува Енес, радијал-лаху анху, кој вели: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, никогаш до неговата смрт не јадел на софра, ниту, пак, некогаш јадел мек леб (сомун).“ (Ел Бухари) 

„Аиша, Аллах нека е задоволен со неа,  спомнува дека Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, доаѓал дома, прашувал дали има храна, па кога немало велел: ,Денеска ќе постам.‘“ (Муслим)

Потврдено е дека тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, и неговото семејство еден месец, а понекогаш и два месеца живееле само со вода и урми. (Ел Бухари и Муслим)

 Но и покрај ваквата немаштија и недостаток на храна, тој не го оставил убавиот исламски морал кој подразбира искажување на благодарност кон Аллах за благодатите, благодарност кон личноста што ја подготвила храната и некритикување доколку згрешила подготвувајќи ја храната, оти таа направила сѐ што можела и згрешила.

Затоа Божјиот пратеник никогаш не критикувал јадење, не го обвинувал готвачот, не го одбивал понуденото, ниту, пак, барал нешто што нема. Таков бил Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, избраникот на човештвото чијашто главна грижа не била само стомакот и јадењето.

Ебу Хурејре, радијал-лаху анху, ни раскажува: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, никогаш не критикувал ниту едно јадење, доколку му се допаѓало го јадел, а кога не му се допаѓало го оставал.“ (Мут-тефекун алејхи)

За моите драги и сакани кои понекогаш ги фасцинираат храната и пијалаците, во скратена форма ќе ви го пренесам говорот на Шејхул Ислам Ибн Тејмије: „Што се однесува нахраната и облеката, најдобар пример кој треба да се следи е примерот на Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, кој се хранел со она што го имал и што му се допаѓало. Не го одбивал понуденото, ниту, пак, барал нешто што нема. Кога му нуделе леб и месо – јадел, кога му сервирале овошје, леб и месо – јадел. И тогаш кога му нуделе само урми или само леб – јадел. Кога му сервирале два вида храна, не велел не јадам два вида храна. Не се лишувал себеси од вкусна и сласна храна.“

Во еден хадис тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ќе каже: „Јас јадам и постам, клањам ноќе и спијам, стапувам во брак со жени и јадам месо. Кој ќе го отфрли мојот сунет не е од моите (следбеници).“

Аллах, Возвишениот, наредил да се храниме со убавите работи и секој кој ги забранува добрите работи ги преминува своите ограничувања. Тој што не искажува благодарност е прекумерен и не го исполнува она што е должен кон  Аллах, Славениот.

Патот на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, е најисправниот и најумерениот и застранувањето од тој пат е на два начина: група која претерувајќи ги задоволува своите срасти но не ги исполнува своите должности, и група која си ги забранува убавите работи и воведува монаштво кое не го пропишал Аллах, Нашиот господар. Во исламот нема монаштво.

Потоа рекол: „Сѐ што е халал, убаво е, и сѐ што е убаво, халал е. Аллах, Возвишениот, ни ги дозволил добрите работи, а ни ги забранил нечистите и убавината на добрите работи се состои во фактот дека се корисни и вкусни. Аллах, субханеху ве теала, ги забранил штетните, а ни ги дозволил корисните нешта.“

Потоа додал: Луѓето се разликуваат по прашање на храната, облеката, гладувањето и ситоста. Се случува и една иста личност да има различни ставови, но за човекот најдобри се оние дела во кои тој искажува поголема покорност кон Аллах и кои најмногу му користат. (Меџму'ул фетава 22/310)

Одбраната на честа на луѓето

 

            Најдобри собири се собирите на знаењето и на спомнувањето на Бога. Каков ли е тој собир во кој подучува, говори и советува избраникот од потомството на Адем, алејхи селам, учителот на Уметот?

Чистотата на неговите собири и бистрината на неговата, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, интима се огледаат во неговите собири каде што тој го враќа тој што греши, го подучува тој што не знае, го потсетува немарниот и ги дозволува на неговиот собир само добрите работи.

Тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, внимателно го слушал говорот на тој што му се обраќал но не прифаќал озборување, пренесување на зборови и клеветење. Тој секогаш ја бранел честа на другите.

Утбан ибн Малик, радијал-лаху анху, вели: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, стана да клања и рече: ,Каде е Малик ибн Духшум?‘ Еден присутен рече: ,Тој е хипокрит, не го сака Аллах ниту Неговиот пратеник.‘ Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, му рече: ,Немој да го правиш тоа. Зарем не знаеш дека тој искрено и имајќи го за цел Аллаховото задоволство рекол: Нема друг вистински Бог освен Аллах. Аллах му забранил на оганот да казнува некого кој изговорил: Нема друг вистински Бог освен Аллах, имајќи го за цел Аллаховото задоволство.‘“ (Мут-тефекун алејхи)

Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, опоменувал за опасноста на лажното сведочење и за непочитувањето на правата на другите.

Ебу Бекр, радијал-лаху анху, пренесува дека Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рекол: „,Дали сакате да ве информирам за најголемиот меѓу големите гревови?‘ Одговоривме потврдно а тој рече: ,Да сметаш дека некој (нешто) му е рамен на Аллах, непослушноста кон родителите...‘, и како што беше потпрен седна и додаде: ,...и лажниот говор.‘ Ова многупати го повтори така што посакавме да замолчи.“ (Мут-тефекун алејхи)

И покрај неговата, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, љубов кон мајката на правоверните Аиша, радијал-лаху анха, ја укорил кога озборувала и ѝ ја објаснил опасноста од озборувањето. Аиша, радијал-лаху анха, вели: „На Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, му реков: ,Зарем не е доволно за Сафија тоа што е таква и таква (ниска)?‘( Во некои преданија дословно се спомнува тоа дека Сафија, радијал-лаху анха, била ниска.) Тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ми рече: ,Кога ова што го рече би го измешала со морската вода, би ја променила нејзината боја.‘“ (Ебу Давуд)

Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ги израдувал оние кои ја бранат честа на нивните браќа. Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рекол: „Кој ќе ја одбрани честа на неговиот брат од озборување, заслужил Аллах да го спаси од пеколниот оган.“ (Ахмед)

Честото спомнување на Аллах

 

Првиот едукатор и Пратеникот на овој Умет имал исклучителен однос кон богослужението (ибадетот) и одржувањето на врската со Аллах, Возвишениот. Тој не оставал ниту еден момент без спомнување на Бога, без искажување на благодарност кон Него, без Негово величање, барање прошка и враќање кон Бога.

Сите негови, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, евентуални грешки, и минатите и  идните, му се простени, но сепак тој е благодарен роб и Пратеник кој го слави својот Господар, затоа што ја знае Неговата величина. Му искажува Благодарност, му се обраќа со молитва (дова) и Нему му се враќа со покајание. Тој ја сфатил и вредноста на времето па затоа се труди да го искористи и да го исполни со покорност и ибадет.

Аиша, радијал-лаху анха, вели: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, го спомнуваше Аллах во секоја ситуација.“ (Муслим)

Ибн Абас, радијал-лаху анхума, пренесува: Дека на еден собир избројале како Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, сто пати рекол: „Господару, прости ми и прими го моето покајание, Ти, навистина, опростуваш и си милостив.“ (Ебу Давуд)

Ебу Хурејре, Аллах нека е задоволен со него, вели: Го слушнав, Божјиот пратеник, Божјиот спас и благослов нека е над него, како вели: „Се колнам во Аллах, јас барам простување од Аллах и се каам во текот на денот повеќе од седумдесет пати.“ (Ел Бухари)

Ибн Омер, радијал-лаху анхума, вели: Дека на еден собир избројале како Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, сто пати рекол: „Господару, прости ми и прими го моето покајание, Ти навистина опростуваш и си милостив. (Ет Тирмизи)

Мајката на правоверните Уму Селеме ни пренесува дека најчестата молитва (дова) на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, била: „Ти Кој ги вртиш срцата, зацврсти го моето срце во Твојата вера. (Ет Тирмизи)

Соседот

           

            Има ли подобар сосед од Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, за кого комшијата имал посебна положба во срцето на Аллаховиот миленик.

Тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рекол: „Џебраил толку често ме советуваше (да се однесувам добро) со соседот, што помислив дека ќе има удел во наследството. (Ел Бухари и Муслим)

Во еден совет до Ебу Зерр, радијал-лаху анху, Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ќе каже: „Ебу Зер, кога ќе готвиш манџа додај повеќе вода и грижи се за соседите.“ (Муслим)

Предупредил од нанесување на штета на соседите во овој хадис: „Нема да влезе во џенет тој од чие што лошо не е сигурен соседот.“ (Муслим)

Нека се радува соседот за кого Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рекол: „Кој верува во Аллах и во Судниот ден нека му направи лошо на соседот.“ (Муслим)

Убавото однесување

 

            Аиша, радијал-лаху анха, вели: „Кога до Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ќе допрела вест за нечие (непримерно) дело или говор, не велел: ,Што е работата со тој и тој што го рекол ова (или го направил ова)?‘, туку велел: ,Што е работата со некои луѓе, велат или прават вака и вака.‘“ (Ет Тирмизи)

Енес ибн Малик, Аллах нека е задоволен со него, ни раскажува: „Кај Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, влегол човек кој врз себе имал трагови од жолта боја, а Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, никогаш не изразувал видливо незадоволство кон оној со кого се сретнувал. Кога излегол рекол: ,Зошто не му наредите да го измие она што го има врз себе!?‘“ (Ебу Давуд и Ахмед)

Ибн Месуд, радијал-лаху анху, пренесува дека Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рекол: „Дали сакате да ве известам за оној кому пеколот ќе му биде забранет или оној за кого пеколот ќе биде забранет? Биди милостив со секој близок, мил, нежен и лесен. (Ет Тирмизи)

Извршување на должностите

 

            Должностите на човекот се бројни – должности кон Аллах, други кон семејството, трети кон себе итн. Постојат и должности кон другите луѓе па да видиме како Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, го поделил своето време и го поминувал својот ден?

Од Енес ибн Малик, Аллах нека е задоволен со него, се пренесува: „Група од тројца дошле во куќите на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, и прашале за неговиот ибадет. Кога ги добија одговорите сметаа дека е малку па рекоа: ,Каде сме ние а каде е Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, кому му се простени сите минати и (евентуални) идни гревови.‘ Тогаш едниот рече: ,Јас секоја ноќ ќе ја поминувам во клањање.‘ Вториот рече: ,Јас секој ден ќе постам.‘, а третиот рече: ,Јас ќе се дистанцирам од жените и нема да се женам.‘ Кога дојде Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ги праша: ,Вие ли сте тие што рекоа вака и вака? Се колнам во Бога, јас сум побогобојазлив и попобожен од вас, па сепак понекогаш постам а понекогаш не постам, клањам ноќе но и спијам, и се женам. Кој ќе му го сврти грбот на мојот Сунет не е од мене (моите следбеници).‘“ (Мут-тефекун алејхи)

 

Неговата храброст и трпение

 

            Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, имал голем удел и бил возвишен пример за тоа како се помага оваа вера и како се воздигнува Аллаховиот,нека е славен Тој, збор. Благодатите кои ги имал ги користел на соодветен начин.

Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, вели: „Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, никого со рака не удрил освен кога бил во битка на Аллаховиот пат, ниту, пак, удрил слуга или жена.“ (Муслим)

Израз на неговата храброст е кога стоички пред лидерите и водачите на племето Курејш сам повикувал во оваа вера, непоколебливо чекорел по овој пат сѐ до победата дадена од Аллах. Никогаш не рекол: „Сам сум, немам никого со мене, сиот народ е против мене...“ Се потпрел на Аллах, Тој му бил поткрепа и гласно повикувал во спасение.

Тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, бил најхрабриот, секогаш во првите редови, одлучен и смел, кога другите бегаа тој стоички издржуваше.

Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, минувал денови во ибадет во пештерата Хира и во тој период никој не му направил никакво зло, ниту племето Курејш му објавило војна, ниту, пак, кон него ги насочиле своите стрели. Кога јавно почнал да повикува, кога обзананил дека Бог е Еден Единствен и дека секој ибадет треба да му се посвети само Нему, немуслиманите почнале да ја искажуваат својата зачуденост велејќи:

„Зарем тој боговите да ги сведе само на еден Бог?“

Тие во тоа време обожуваа идоли како посредници помеѓу нив и Аллах, Возвишениот, Кој за нив вели:

„Ние ги обожуваме само за да нe приближат што поблиску до Аллах.“

Тие во тоа време потврдуваа дека Аллах е Создателот и дека Тој управува и владее со сѐ – теухиду Рубубије:

Запрашај: „Кој ве храни од небото и од Земјата, чие дело се слухот и видот, кој го создава живото од неживото, а го претвора живото во неживо, и кој управува со сѐ?“ – „Аллах!“, ќе кажат тие, а ти кажи: „Па зошто тогаш не се плашите од Него?“

Брате муслиману, да размислиме малку за ширкот (политеизмот) кој наголемо се распространил меѓу муслиманите. Се молат умрените, са прават завети за истите, постои страв од умрените и надеж дека ќе помогнат. Се прекинаа сите врски со Аллах и на местото на Живиот Кој не умира се поставиле умрените за кои се верува дека се во можност да помогнат:

„Кој на Аллах ќе Му припишува здруженик, Аллах ќе му го забрани влезот во џенетот и неговото живеалиште ќе биде џехенемот;“

Од домот на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, кон северната страна можеме да го видиме ридот Ухуд кај кој се одиграла голема битка и каде била потврдена храброста, трпеливоста и стабилноста на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, кој во таа голема битка бил ранет. Лицето му било раскрвавено, му биле скршени катниците и бил ранет во главата.

Сехл ибн Сад, Аллах нека е задоволен со него, ни раскажува за ранувањето на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, велејќи: „Се колнам во Аллах, го знам тој што ја миеше раната на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, тој што ја истураше водата и со што беше лекуван.“

Фатима, радијал-лаху анха, ќерката на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ја миеше раната, Али ибн Ебу Талиб, радијал-лаху анху, ја истураше водата од штит. Кога Фатима, радијал-лаху анха, сфати дека водата само го зголемува крварењето, зеде суви палмини лисја, ги запали и пепелта ја стави врз раната по што престана крвавењето. Лицето му беше рането, катниците скршени како и шлемот што го носеше врз глава.“ (Ел Бухари)

Абас ибн Абдул Муталиб, радијал-лаху анху, за Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, во битката Хунејн вели:

„Кога муслиманите почнаа да се оддалечуваат, Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, со своето муле почна да јава кон неверниците, а јас го фатив за узда обидувајќи се да го забавам. Тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, тогаш рече: Јас сум Божји пратеник, не сум лажливец, јас сум син на Абдул Муталиб.“ (Муслим)

Храбриот витез и учесникот во бројни познати битки, Али ибн Ебу Талиб, Аллах нека е задоволен со него, за Божјиот пратеник ќе каже: „Кога војната ќе се вжештеше, и кога војските ќе се судреа, се засолнувавме зад Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него. Никој од нас не беше поблиску до непријателот од него.“ (Бегави во Шерху Сунне и Муслим 3/1401)

Трпението на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, при повикување во исламот се спомнува како пример и како добар модел. Така Аллах ја воздигна кулата на оваа вера и нејзините коњаници го обединија Арапскиот полуостров, земјите на Левант и земјите зад големите реки (Персија). Не остана дом изграден од сено, кожа или кал во кој не влезе оваа вера.

Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рекол: „Бев заплашуван за денес никој да не почувствува страв, се однесуваа лошо кон мене за  тоа никој денеска да не го доживее. Поминуваа триесет дни и ноќи а јас и Билал немавме храна која се јаде, освен она малку што беше под мишките на Билал. (Ет Тирмизи и Ахмед)

И покрај големото богатство и воен плен кои како резултатат на големите победи му беа носени, за своите наследници тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, не оставил ниту златници ниту сребреници. Неговото наследство е знаењето, па кој сака нека земе од наследството на Божјиот пратеник и нека просперира уживајќи во наследеното.

Аиша, радијал-лаху анха, вели: Божјиот пратеник не оставил во наследство ниту златници, ниту сребреници, ниту овца, ниту камила, ниту, пак, оставил нешто за некого со тестамент.“ (Муслим)

 

 

 

 

 

Довите (молитвите) на Божјиот пратеник -  Аллаховиот благослов и мир нека се со него

 

            Довата е голем ибадет и не е дозволено истата да му се упати на некој друг освен на Аллах. Преку довата ја искажуваме нашата потреба за Аллах и ја признаваме нашата слабост и немоќ. Таа е одлика на нашето богослужење и осознавање на човечката немоќ. Во неа се искажува славење на Аллах и се признава Неговата дарежливост.

Затоа Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, рекол: „Довата во основа е ибадет.“ (Ет Тирмизи)

Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, честопати упатуваше дова до Аллах, беше понизен и ја искажуваше својата потреба и немоќ пред Аллах, Возвишениот. Препорачани се сеопфатните дови.

Во една од своите дови тој ќе каже:

Аллаху мој, поправи ја мојата вера која е моја сигурност, дај ми добро на овој свет затоа што тука живеам, уреди го мојот ахирет (оној свет) каде ќе бидам проживеан, мојот живот нека биде зголемување на сѐ она кое е добро, а смртта нека биде спас од сѐ што е лошо. (Муслим)

Во друга дова тој ќе каже:

Аллаху мој, Ти што го знаеш видливото и невидливото, Создателу на небесата и на Земјата, Господару и Владетелу на сѐ. Сведочам дека Ти си Единствениот вистински Бог, барам Твоја заштита од злото на мојата душа, од злото на шејтанот и неговите придружници, заштити ме да не си нанесам зло, ниту, пак, да му предизвикам зло на муслиман. (Ебу Давуд)

 

Од неговите дови е и следнава:

Аллаху мој, нека ми биде дадено тоа што е дозволено кое ќе ме оддалечи од забранетото, Твојата дарежливост нека ми биде доволна да не се потпрам на некој друг. (Ет Тирмизи)

Во молитва упатена кон Аллах, Возвишениот, тој исто така ќе рече:

Аллаху мој, прости ми и смилувај ми се и проживеј ме во најдобрата дружина. (Муттефекун алејхи)

Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, упатувал дова секогаш, при благосостојба но и при потешкотии, еднаш му паднала наметката од рамењата додека се молел за победа на муслиманите над многубошците на денот на битката кај Бедр.

Тој упатувал дови лично за себе, за семејството, неговите следбеници и за сите муслимани, воопшто.

Крајот на посетата

 

            По уживањето кое го имаше нашиот слух, слушајќи ги зборовите на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, при спомнувањето на прекрасниот животопис, борбата и искушенијата на избраниот Пратеник, треба да знаеме дека имаме должности кон него кои треба да ги исполниме за да се потполни доброто и за да бидеме на правиот пат.

Наши должности се:

Искрено верување со зборови, дела, убедост дека вистина е сѐ она што тој, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, ни го доставил, должни сме да ги извршуваме неговите наредби, да внимаваме да не бидеме непокорни кон него, должни сме да го прифатиме неговиот суд и да бидеме задоволни со неговата пресуда, да го почитуваме како што му доликува, без претерување и без отсуство на должното почитување. Должни сме да го следиме, тој да биде нашиот модел за следење во секоја сфера од животот.

Должни сме да го сакаме повеќе од било кого, од семејството, од парите, од родителите, од сите луѓе.

Должни сме да искажеме внимание и респект, да ја помагаме неговата вера и да го браниме неговиот сунет. Должни сме да го шириме неговиот сунет меѓу муслиманите, да ги сакаме неговите асхаби, да го молиме Аллах да биде задоволен со нив, да ги браниме и да ги читаме нивните биографии.

Од љубовта кон Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, е и овој ајет во кој Аллах, Возвишениот, вели:

„Аллах и мелеците Негови го благословуваат Веровесникот. О, верници, благословувајте го и вие и праќајте му поздрав!“

Како и хадисот во кој Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, вели: „,Најдобар ваш ден е петокот, во него е создаден Адем, на тој ден ќе се дувне во Сур, на тој ден луѓето од страв ќе се онесвестат, па затоа често благословувајте ме затоа што вашите салавати ќе ми се предочат.‘ Прашаа: ,Божји пратенику, како ќе ти се предочат нашите салавати кога ти веќе си претворен во земја?‘ Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, им одговори: ,Аллах ѝ забранил на земјата да ги јаде телата на Божјите пратеници.‘“

(Ебу Давуд и Ибн Маџе, Албани го оценува како автентичен)

Следбениците на Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, не треба да бидат скржави кон Божјиот пратеник кој рекол: „Скржав е оној пред кого ќе бидам спомнат и нема да ме благословува (да испрати салават). (Ет Тирмизи)

Тој, Благословот Божји и Неговиот спас нека се над него, исто така рекол: „Кога една група на луѓе ќе се собере и на тој собир нема да го спомнат ниту Аллах, ниту, пак, нема да ме благословуваат, за таквиот собир тие ќе се каат, а Аллах доколку сака ќе ги казни или ќе им прости. (Ет Тирмизи)

 

Збогување

 

            Си заминуваме од домот исполнет со иман и втемелен врз побожност. Ни останува сунетот на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, како знак на патот на спасениото и како патоказ кон вистинската цел.

Да видиме како алимите на одбраните генерации се однесувале и како внимавале што е можно подобро да го следат сунетот, со надеж Аллах да ни овозможи во убаво да ги следиме и да се поистоветиме со нив.

Имамот на Ехли Суне, Ахмед ибн Ханбел, рахимехул-лах, рекол:

„Секој хадис кој го запишав, работев според него. Еднаш прочитав дека за купирање (хиџаме), Божјиот пратеник на Ебу Тајбе му дал златник, па и јас така направив.“ (Сијер 11/213)

Абдур Рахман ибн Мехди напишал:

„Од Суфјан слушнав како вели: ,Според секој хадис на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, кој дошол до мене сум работел макар еднаш.“

Муслим ибн Јесар вели:

„Клањам во обувки, иако да клањам бос ми е полесно – со тоа сакам да го следам сунетот.“

(Сијер 7/242 и Зухд на Имам Ахмед стр. 355)

На мојот драг брат/сестра на крајот им го подарувам овој голем хадис во кој Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, вели:

„,Во џенет ќе влезат сите освен оние кои ќе одбијат.‘ Прашаа: ,А кој ќе одбие Божји пратенику?‘ Тој одговори: ,Тие што ќе ми бидат покорни ќе влезат во џенет, а непокорните кон мене се тие кои одбиваат.‘“ (Ел Бухари)

Аллаху наш, подари ни љубов кон Твојот пратеник, овозможи ни да го следиме неговиот пат и оддалечи нѐ од застранувањето. Заштити нѐ и од тоа другите да не ги одведеме во заблуда.

Аллаху наш, Твојот благослов нека е врз Мухамед сѐ додека се менуваат деноноќијата, Аллаху наш, Твојот благослов нека е врз Мухамед сѐ додека го спомнуваат побожните робови,

Аллаху наш, овозможи ни да бидеме заедно со Мухамед, Аллаховиот благослов и мир нека се со него, во највисокиот рај Фирдеус, овозможи им на нашите очи да уживаат гледајќи го, дај ни да се напиеме од неговиот извор и потоа никогаш да не ожедниме,

Аллаховиот благослов и мир нека се над Мухамед, над неговото семејство и сите негови следбеници.

Содржина

 

Предговор. 1

Посета. 6

Патувањето. 11

Телесниот изглед на Божјиот пратеник - Аллаховиот благослов и мир нека се со него   16

Говорот на Божјиот пратеник - Аллаховиот благослов и мир нека се со него  18

Однесувањето и претставителноста на Божјиот пратеник -  Аллаховиот благослов и мир нека се со него   33

Ќерките на Божјиот пратеник - Аллаховиот благослов и мир нека се со него   38

Односот кон сопругата. 43

Многуженството. 49

Шегувањето на Божјиот пратеник -  Аллаховиот благослов и мир нека се со него   54

Спиењето на Божјиот пратеник - Аллаховиот благослов и мир нека се со него   59

Ноќниот намаз. 62

По утринскиот (сабах) намаз. 65

Намазот духа. 66

Доброволните намази во домот. 68

Плачот на Божјиот пратеник - Аллаховиот благослов и мир нека се со него   69

Скромноста на Божјиот пратеник - Аллаховиот благослов и мир нека се со него  72

Слугите на Божјиот пратеник -  Аллаховиот благослов и мир нека се со него   78

Подарокот и гостинот. 82

Сомилоста кон децата. 88

Мудроста, благоста и трпеливоста. 95

Како се хранеше Божјиот пратеник - Аллаховиот благослов и мир нека се со него  105

Одбраната на честа на луѓето. 113

Честото спомнување на Аллах. 116

Соседот. 119

Извршување на должностите. 121

Неговата храброст и трпение. 123

Довите (молитвите) на Божјиот пратеник -  Аллаховиот благослов и мир нека се со него   130

Крајот на посетата. 133

Збогување. 136